
Министерствата за земјоделство и за администрација со реакција за постапката на заменик министерот Трипуновски
По реакциите во јавноста за упадот на дополнителниот заменик министер од Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство (МЗШВ) Цветан Трипуновски во Подрачната Единица Берово и снимањето на вработените со што беше нарушена нивната приватност и лични податоци, МЗШВ се оградува од постапките на истиот, реагира Министерството во соопштение.
Овие постапки, се вели во соопштението, не се пракса на функционирањето на МЗШВ туку се личен акт на Трипуновски со кој не се согласуваме и остро го осудуваме.
– Апелираме дополнителниот заменик министер во МЗШВ Цветан Трипуновски да се воздржи од вакви дејствија со кои се врши директно нарушување на имиџот на Министерството, наведуваат во соопштението.
И од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) соопштија дека го осудуваат секој обид за злоупотреба и мобинг врз јавната администрација.
– Владата и МИОА, изминатите две и пол години посветено работат на тоа злоупотребите, партизацијата и мобингот врз јавната администрација да бидат дел од минатото. Дополнителните министри и заменици министри од опозицијата, во изминатите две недели, во континуитет се обидуваат нивниот начин за заплашување и ставање на администрацијата во партиски цели, повторно да го направат реалност, се вели во соопштението од МИОА.
Упадот во подрачната единица на МЗШВ од страна на дополнителниот заменик министер Цветан Трипуновски, како што посочија од Министерството, го осудуваме и повикуваме притисокот врз јавната администрација да остане во минатото. Во таа насока, наведуваат од МИОА, повторно ќе биде објавена алатката за пријавување на притисок на работно место.
– Ги повикуваме техничките кадри на ВМРО-ДПМНЕ да се ослободат од матрицата во која се заглавени и конечно да почнат да работат во служба на сите граѓаните. Нивна улога е да придонесат кон спроведување на фер и демократски избори и ги повикуваме да работат во согласност со нивните надлежности, стои во соопштението од МИОА.