
Министерските плати веќе не се тајна, Спасовски пред Заев
Министерските плати веќе не се тајна, Владата ги објави на својата алатка за отчетност, може да ги види секој заинтересиран. Се движат од околу 66 илјада денари најниските, па се до 92.300 колку што зема најплатениот министер, оној за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Со своите месечни примања тој избил дури и пред премиерот Зоран Заев, кој беше во право кога кажа дека за својата плата од идната година нема да го плаќа зголемениот прогресивен данок, бидејќи е под прагот од 90 илјади, односно зема безмалку 88.200 денари. Платата на Спасовски, била повисока бидејќи на министрите за внатрешни им следувал надоместок од плус 20 отсто, заради тежината на нивното работно место, тоа пред повеќе години го одлучило Собранието. Иако треба да плати прогресивен данок, нему тоа нема да му значи ништо, бидејќи платата е од буџетот и нето платата ќе му остане иста.
Платите на министрите, како и на другите именувани и избрани функционери, велат од Владата, се пресметуваат според соодветни коефициенти и години стаж. Министерските плати биле дури и намалени за време на економската криза, и такви и останале. Минатиот месец, за кога се објавени платите, вицепремиерот Кочо Анѓушев зел 80.200, но тој платата не ја подигнува, туку ја донира, вицепремиерката Шекеринска 79.150, а вицепремиертот за рамковен кој не доаѓаше на работа, Хазби Лика, над 76 илјади денари. Министерот за финансии, Тевдовски, на пример, во октомври на својата сметка како плата добил околу 70.400 денари.
Со одлука на Уставниот суд и со измените на Законот за плати на министрите и другите функционери, вицепртемиерските плати ќе треба да се изедначат со министерските.
Дали министерските плати се превиосоки во однос на просекот во земјава, кој во септември бил 24.355 денари, или пак, на минситрите треба да им се дадат и поголеми плати за подобро да работат во интерес на државата, професорот Гоцевски, вели, кај нас не постои воедначен систем на плати, затоа има и разлики, а тешко е да се измери и учинокот на министрите.
Но многу повисоки плати земаат директорите на друштвата чии основач е Владата, на пример Македонска навигација, каде просечната плата е 1.876 евра, на раководството сигурно е и поголема. Добри плати се земаат и во регулаторните тела, на пример во Регулаторна комисија за енергетика, платата на првиот човек е 1.579 евра. Такви друштва чии опсновач е Владата се дури 45 во земјава, имаат сопствени приходи и нивните одбори ги делат платите по сопствено наоѓање.
И пратениците земаат високи плати, коефициентот им е од 3,5 до 4 просечни плати, но не сегашните, бидејќи се замрзнати. Може и да се зголемуваат врз основа на работен стаж, но најмногу до 20 отсто. Нема систем како да се одреди дали ги заслужуваат овие примања.
Нина Нинеска-Фиданоска