Министерот за финансии ќе следи дали се применуваат препораките на ревизорите

Министерот за финансии директно ќе следи дали и колку државните институции ги применуваат препораките на државните ревизори за законско трошшење на државните пари. Тој ќе претседава со Ревизорскиот комитет кој набргу ќе се формира и ќе функционира како постојано тело при Владата, а ќе брои 6 члена, меѓу кои и претставници на две други министерства, и надворешни експерти. Комитетот ќе ги разгледува ревизорските извештаи, но ќе бара и конкретни Акциски планови од институциите, кои за нив ќе бидат обврска, со точно наведени временски рокови за спроведување на препораките. Државниот завод за ревизија во ова тело гледа надеж дека буџетските корисници конечно нема да ги заобиколуваат нивните совети.

„Ние со години наназад го поттикнуваме заживувањето на оваа активност и верувам дека во  наредниот кус период таа ќе почне да се имплементира. Таквиот начин на разгледување на извештаите ќе помогне во доста висок степен на реализација на имплементација на дадените препораки во ревизорските извештаи“, вели Ристовска.

Државните ревизори набргу ќе ја завршат анализата колку од нивните препораки лани биле прифатени од институциите, во 2016 биле спроведени само 30 отсто. ДЗР очекува овој процент да почне да се зголемува.

Државните органи низ годините се подобриле во делот на финансиското работење, но голема болка остануваат јавните набавки.

„Наодите во делот на јавните набавки, некаде се поголеми, некаде помали, зависно од институциите, но во делот на јавните набавки најчесто имаме незаконски постапувања на субјектот“, вели Ристовска.

Минатата година ДЗР до Јавното обвинителство испратил неколку извештаи, тоа е нивна обврска ако забележат пропуст или криминал при ревизиите. Обвинителите, пак, треба да ги известат за кои случаи ќе покренат постапка.

Најавата на Владата дека ќе ги засилува внатрешните ревизии низ институциите, ќе им помогне на државните ревизори, вели Ристовска.

Капацитетот и ефикасноста на ДЗР ќе се зајакнува и преку твининг проект во следните две години, со буџет од 1,4 милион евра, ќе помагаат и бугарските и хрватските искуства. Една од целите е и подобра соработка меѓу Парламентот и ДЗР околу ревизорските извештаи.

Се досега наодите на ревизорите остануваа главно на хартија, а првите луѓе на буџетските корисници се извлекуваа без одговорност за незаконските трошења.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ