
Министерот Манчевски повика членовите на советот на МРТВ и на АВМУ да поднесат оставка
Членовите на Програмскиот совет на МРТВ и на комисијата при Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги да си поднесат оставки, апелира министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.
„Апелирам нивната лична доблест и пред се храброст да поднесат оставки.Да дозволат медиумските реформи да се случат во Македонија. Да дозволат политичарите и сите политички партии да ги тргнат рацете од медиумите. Да дозволат отворена и транспарентна постапка, во која јавно, со има и презиме и тие самите ќе може да аплицираат“, кажа Дамјан Манчевски – министер за информатичко општество и администрација
Изјавата на Манчевски доаѓа по денешното продолжение на амандманската расправа на собраниската комсија за транспорт и врски, на која , според него се спречуваат реформите во медиумската сфера заради лични и партиски интереси и заради барањето амнестија. Се почна со поднесениот 9 амандман од страна на опозицијата, со кој во измените на Законот за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги, се предлага, покрај невладините организации, за кандидатите за членови на Програмскиот совет на МРТВ и на Комисијата при АВМУ, мислење да даде и Асоцијацијата за приватни електорнски медиуми. Тоа не беше прифатено од министерот Манчевски, со објаснување дека е наведена конкретна Асоцијација, која со предлог законот не е ограничена да биде вклучена со препорака за кандидатите. На тоа реагираше подносителот на амандманот Никола Мицевски.Рече дека власта тоа не го прифаќа зашто во советот на МРТВ и во Комисијата на АВМУ, сака да вклучи свој партиски кадар и дека последниот пример со доделените тендери преку Фондот за иновации, зборува за тоа како работи таа.
„Сте фатени со спуштени панталони колеги пратеници. Со спуштени панталони и не знаете како да се одбраните зашто нема одбрана“, кажа Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ
Гласниото реагирање на членовите на комисијата од двете страни го стишуваше претседателката Лилјана Затуроска, а во репликата, Диме Велковски од СДСМ, побара да се зборува по точката на дневен ред. Измените на законот за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги не значат ништо ни за Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ, зашто како што рече, со нив нема медиумски реформи додека не се професионализираат МРТВ и АВМУ, така што при постапките за вработување, оценување и унапредување, се воспостават критериуми, а самите постапки бидат објективни и независни. Актулениот состав на МРТВ го бранеше и Стеван Анџија од ВМРО-ДПМНЕ, прашувајќи ги од власта, кој се меша во работата на јавниот сервис, на кој јавноста, како што рече видела пропаднати прослави низ Македонија, за поканата за НАТО и за почетокот на преговорите за влез во ЕУ.
Сотир Трајков