Министерот Дураки одбегна да одговори за тужбата против државата заради аерозагадувањето

Македонија диши загаден воздух во есен и во зима, а институциите чекаа до сега за да почнат да креираат програми и планови за справување со загадувањето.

Ова е станицата за мерење на квалитетот на воздухот во Гази Баба. Таа е една од расипаните, односно, инструментот за мерење на ПМ10 честички во неа не работи. Во истата состојба како и моментално е веќе 15 години. За наредната година Владата најави дека ќе ги замени расипаните и дотраени мерни станици со нови.

Во Скопје има 18 мерни станици за квалитетот на воздухот од кои едната е мобилна.

Но, не се расипуваат само скопските. Проблем имаат и градовите во внатрешноста.

Министерот за животна средина Садула Дураки денес ги избегна новинарите и не сакаше да ги искоментира најавите на невладините дека ќе ја тужат државата за уништено здравје поради аерозагадувањето.

Надлежните се уште не кажуваат зошто не го анализираат влијанието на воздухот кое го имаат фабричките оџаци. Нудат мерки кои го опфаќаат само транспортот и начинот на топлење на домовите.

Критики за неангажираното работење на властите стигна и од Европската унија.

Според генералниот секретар на Советот за регионална соработка Горан Свилановиќ земјите од западен Балкан се многу далеку од стандардите на ЕУ за заштита на животната средина.

  • За жал ниту една од државите не вложува доволно пари, особено кога е во прашање заштита од емисија на штетни гасови. Зборувам за пари бидејки ги нема, но тоа не смее да биде изговор или извинување за да не се направи и тоа што се може. Треба да се зголеми нивото на енергетска ефикасност, да се поместат стандардите кога е во прашање загадувањето од автомобилите и нешто од што бегаат сите во регионот, термоелектраните. Мора да бидеме похрабри и да тргнеме во процес на трансформација на термоелектраните  кои ќе станат електрани на гас или биомаса. Владите треба да бидат храбри и да донесат соодветни одлуки, истакна Горан Свилановиќ генерален секретар на Советот за регионална соработка.

Синоќа, Владата на седница одлучи да даде кредит на комбинатот „Југохром” од тетовско Јегуновце за изградба на филтер за заштита од загадување.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ