
Милошоски ја откажа, Џафери ја закажа Комисија за надворешна политика
Ќе нема, па на крај имаше. Седницата на комисијата за надворешна политика се одржа, но без нејзиниот претседател Антонио Милошоски и без најинтересната точка, годишно реферирање на министерот Никола Димитров и барањето да се расправа за строго доверливите извештаи од лидерските средби кај Иванов за името. Утрово почна со откажување, Милошоски како претседател на комисијата ја презакажа седницата за 23-ти август затоа што дел од пратениците од комисијата барале да си го почнат годишниот одмор по вчерашната таква сугестија на спикерот Талат Џафери. Час и половина подоцна, Џафери ја свика седницата со скратен дневен ред, без годишниот извештај на шефот на дипломатијата, а да ја води седницата ја назначи пратеничката Ивана Туфегчиќ. 5-мина новозначени амбасадори и нивните платформи беа единствени на дневниот ред. Претседателот на комисијата Милошоски преку социјални мрежи, закажувањето на седницата од страна на Џафери го нарече демократија на диво.
- Ова беззаконие денес, создава опасни преседани за владеењето на правото во Македонија утре. СДСМ збори за европски норми и стандарди, а ги погазува законите на секое поле. Граѓаните со право се загрижени дека Собранието стана најголемиот прекршувач на Законите, напиша Милошоски на Фејсбук.
Џафери пак во својата одлука за закажување на седницата вели дека како претседател на Собранието ја закажал седницата затоа што Милошоски иако бил должен не го сторил тоа. Собранието е во постојано заседание, а не може претседателот на комисијата да се повикува на изјави на спикерот за пратеничкиот одмор дадена на средба со новинари, напишаа од собраниските служби во објавата за презакажувањето на седницата. А седницата мина мазно, и без опозиционата ВМРО-ДПМНЕ. Македонските амбасадори во Велика Британија, Норвешка, Црна Гора, Полска си ги кажаа платформите и добија собраниско зелено светло да заминат на должност. Димитров не се појави, не се расправаше за фамозните строго доверливи извештаи кои со пропуст на кабинетот на Иванов дошле до Милошоски кој нема сертификат да ги има. Милошоски смета дека во нив има работи за преговорите за името кои власта сака да ги сокрие. СДСМ смета дека Милошоски откако ги добил документите, сторил кривично дело и нивен правен тим му подготвува пријава.
Миомир Серафиновиќ