Македонија Милошоски бара да се преиспита коалицијата „За подобра Македонија“
Се тресе ли коалицијата “За подобра Македонија”? Откако во последно време некои пратеници постапуваат спротивно на заедничката политика, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски побара ефикасноста на коалицијата да се преиспита и ако треба да се распушти. Смета дека партиите во реалноста се далеку од сплотеноста и ефикасноста поради која е создаден овој повеќепартиски проект.
Милошоски критикува дека поставеноста на Социјалистичката партија не е дефинирана, а Титовите леви сили, освен за подбив, не користат за ништо друго. Демократската партија на Србите, вели, во последно време е чест гостин во Москва, иако тоа не е во склад со определбите на ВМРО-ДПМНЕ. Во контекст на ова, тој смета и дека партијата треба да ја поддржи идејата за една изборна единица и на тој начин како носечка партија да се ослободи од нужноста да влече во коалицијата партии кои не се релевантни, а преку поголемите партии стануваат фактори во Собранието или во советите. Со една изборна единица нема потреба од предизборни коалиции, секоја партија ќе може да измери колку и тежи довербата, а потоа во Собрание да коалицира на основа на програми и интереси.
Од ВМРО ДПМНЕ велат дека ова не е партиски став.
На изборите во 2016-та и 2017-та година, ВМРО ДПМНЕ коалицираше со 23 политички партии. Дел од нив, како Амди Бајрам и пратеникот од ГРОМ, Чедомир Саздовски, по поразот им свртеа грб, а деновиве и пратениците од Социјалистичката партија, Владанка Авировиќ и Љупчо Димовски, постапуваат спротивно на политиката на коалицијата. Обезбедуваат кворум за работа на мнозинството, во моменти кога нивните колеги од ВМРО ДПМНЕ ја напуштаат салата, а не се потпишаа ниту на барањето за доверба на владата. Ниту еден од нив не е достапен за коментар околу понатамошното опстојување на коалицијата.
Далиборка Демјанска



