Милион евра од банка на Камчев во торба Луј Витон за Боки 13

Снимката почнува со пари, многу банкноти од 50 евра врзани во купчиња и со жолто ливче со бројка под ластикот. Машка и женска рака препелкаат низ парите. Има и банкноти од 500, 100 и двесте евра.

Гласот не се слуша, туку снимка од текст кој го чита авторот од весникот Ла Верита. Пред дваесетина дена портал во Македонија објави дека на снимката наводно се слуша глас кој зборува дека ќе ги дадат пари во Луј Витон торба, а не во стилот на Кичеец парите да ги стават во кеса.

Порталот тогаш објави дека било кажано како во Врховен суд ќе средат оние што се ваши, односно блиски на рекетираните.

Но на италијанската снимка објавена денеска нема гласови.

Во торбата има милион евра, покажува ливчето со преброени банкноти. Обвинителството уште при отварањето истрага соопшти дека рекетот од милион и пол евра е даден во два наврати, еднаш половина милион, вториот пат цел милион евра како парите на снимката.

Парите, според информациите на Телма од истражни органи, се подигнати како позајмица преку Банка во која сопственички удел има Орце Камчев, сведокот. Позајмиците ги даваат други фирми на Камчев, и се дадени на лично име на сопругата на Камчев и на друга жена близок роднина на сведокот. Трансакциите се регистрирани во финаниско разузнавање, а потоа како сомнителни се пријавени во СЈО. Таму била разгледана информацијата, првин се мислело дека е подготовка за бегство на Камчев кој е соомничен во случајот Империја.

Но мислењето на финансискиот истражител било дека овој начин на извлекување пари потсетува на исплата на рекет или изнуда и дека тоа може да се провери. Анализата е доставена до кабинетот на специјалната обвинителка Јанева, но ништо не било преземено.

Парите се спакувани во торба, покриени со весници, но и со документи дека се легално извадени од банка. Луј витонот со милионот го зема Зоран Милески Кичеец, покажуваат камерите од куќата каде се дадени. Кичеец и Бојан Јовановски Боки 13 излегуваат од куќата откако лице од обезбедување ќе им отвори, а на вратата ги испраќа и домаќинот Орце Камчев.

Двајцата сега притворени излегуваат на улица и се качуваат во портокалов автомобил. Снимката завршува. Снимките со пакуваните пари се снимени со мобилен, додека останатите се од три безбедносни камери на куќата на сведокот.

Од обвинителството негираат било каква вмешаност во објавувауњаето на снимките, но не прецизираат дали и овие снимки се дел од доказите.

“Снимката објавена во италијанскиот весник не е од извори од обвинителството. Доколку дојде до судска постапка, обвинителството како докази ќе ги презентира снимките со кои располага”.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2024 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ