Мијалков и Тачи се појавија во судот

На првото рочиште за „Титаник 2“ дојдоа сите обвинети за договореното гласање во ДИК на минатите локални изборои, ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков, лидерот на ДПА Мендух Тачи и екс членовите на ДИК.

Сепак судењето се одложи. Обвинителката Фатиме Фетаи им подели прочистено обвиненија без делот за управните судии, бидејки судот не одобри да им се суди и на колегите од управен. Одбраната доби време до 10 мај да го разгледа.

Мијалков одговара за примање награда за противзаконито влијание а останатите обвинети за злоупотреба на службената положба. Според обвинението во март 2013 година, Мијалков, побарал од Тачи да му наложи на претставникот на ДПА во ДИК, Бедредин Ибраими да гласа за да се уважи приговорот на ВМРО-ДПМНЕ за Струмица каде кандидат за градоначаник беше Васил Пишев, иако немало законски основ за тоа. Според СЈО освен Ибраими, гласале и членовите на ДИК Влатко Сајкоски, Сашо Срцев и Анета Стефановска со што незаконски било поништено гласањето на едно избирачко место. Како доказ за ваквото обвинение СЈО нуди и два прислушкувани разговори.

На денешното рочиште беа само прочитани податоците за обвинетите, Мијалков кажа дека е бизнисмен и даде две адреси во Скопје на кои можат да го пронајдат. Тачи е пратеник, Ибраими невработен. Срцев кажа дека е државен совветник на министерот за транспорт, Стефанова библиотекар советник а Сајкоски во второстепена комисија за одлучување во управна постапка.

Елена Ивановска Мукоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ