
Мигрантите од Диавата вратени во прифатните центри
874 мигранти и бегалци се вратени во прифатните центри од импровизираниот бегалски камп кај Диавата, јавуваат грчките медиуми. Во изминатите три дена мигрантите од кампот во неколку наврати се судрија со грчката полиција во обид да стигнат до грчко-македонската граница. Во судирите беа фрлани камења врз полицијата, на што беше возвратено со солзавец. Медиумите објавија дека процесот на враќање траел од вчера изутрина до раните утрински часови денеска. Мигрантите го напуштија прифатниот центар Дијавата во четвртокот по лажните информации дека Балканската рута е отворена и тргнаа кон македонската граница одалечена од таму 60 километри. Во Дијавата ситуацијата денеска беше мирна и властите чекаа да видат колку од мигрантите ќе одбијат доброволно да се вратат во камповите, за да направат проценски како понатаму да е справата со ситуацијата.
Во меѓувреме турските безбедносни сили задржале 950 мигранти на пат кон Грција. Тие во четвртокот преку социјалните мрежи добиле информациија дека Турција ќе им дозволи да ја преминат границата. Турската полицијата ги зголемила безбедносните мерки во близина на границата за да го спречат приливот на мигранти.
Македонските власти денеска повторија дека будно ја следат ситуацијата на јужната граница и дека се подготвени за реакција и во случај на зголемен притисок.