Мешовитиот комитет, референдумот и економската состојба дел од пратеничките прашања

Двe и пол часовно доцнење со почетокот, продолжени паузи, полупразна сала и веќе чуени прашања и одговори. Вака денеска течеше седницата за пратенички прашања, што се одржа по тримесечна пауза. Опозицијата критикуваше за уназадување на економијата, пад на капиталните инвестиции, непотребни задолжувања и отсуство на странски инвестиции.

Се интересираа и врз основа на кои критериуми е избран македонскиот дел од мешовитиот Комитет, предвиден со Преспанскиот договор, што деновиве почнува со толкување на историските настани. Дали имало оглас, кој одлучи за имињата и зошто толкава тајност при формирањето на оваа значајна комисија?

Премиерот одговори дека сите членови се врвни во своите области и рече дека подготвен да го прошири составот на Комитетот.

Опозицијата се наврати и на референдумот, прашувајќи, зошто институциите се уште не преземаат ништо за обвинувањата за полнење на гласачките кутии.

Премиерот негираше дека се полнеле кутии, но укажа дека треба да се проверат овие шпекулации.

Од ВМРО ДПМНЕ ја обвинија владата и дека им се реваншира на тие што не гласале за уставни измени. За пример го дадоа пратеникот Стојан Миланов гласал против, а по две недели добил кривична пријава. Побараа и разрешување на министрите за, како што велат најлошата економска состојба во државата досега. Од владата се бранеа дека има инвестиции и дека до Нова година параметрите ќе бидат подобрени.

Далиборка Демјанска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ