
Мерцедесот на Груевски немал сервисна книшка-МВР кога го предало на СОЗР го проценило на само 200 илјади евра
-Сметајте дека е продаден, и никој сега не може да го користи, вака директорот на СОЗР Пеце Мирчески се обратил на владината седница на која е одлучено мерцедесот С 600 да се даде на лицитација со почетна цена од 234 илјади евра.
Директорот на СОЗР ни потврди дека во засебен дел на гаражата под МРТВ е сместен мерцедесот, таму е под клуч и под видео надзор и нема да биде изваден и покажен до лицитацијата и евентуалната продажба. Од владата велат дека ќе оди на елетронска лицитација и дека иако досега се користеше за безбеден транспорт на високи дипломатски гости, и во иднина државниците соодветно ќе бидат обезбедувани.
Вредноста од 234 илјади евра е добиена со проценка од Бирото за судски вештачења. Проценителот немал долг пат за да стигне до мерцедесот, се спуштал од 19-ти кат каде е Бирото до гаражата под МРТВ, го сликал и ги чекал документите од надлежните институции. Во тие документи имало и доста дупки, немало никаква сервисна книшка за скапиот мерцедесот, ниту пак добил документ за купувањето со официјалната сума која е платена за него.
Фирмата која за МВР го купила скапиот мерцедес, испратила само информации што е правено, колку пати е менувано маслото и филтерите, но не дало податоци кога е купен и од која земја е увезен, односно колку имал поминати километри кога бил донесен во Македонија. Тие податоци покажуваат дека мерцедесот најмногу се користел во 2013-та кога за 13 месеци поминал 26 илјади километри.
Сервисната книшка никаде ја немало, и не можеле да ја најдат ниту во МВР. Единствено што е наведено како набавна вредност на мерцедесот е сумата кога МВР го предало возилото на Службата за општи и заеднички работи. Таму пишува дека набавната цена е 35 милиони и 200 илјади денари, или околу 573 илјади евра.
За 5 и пол години, МВР му отпишал вредност од над 22 милиони денари и кога го предавал на СОЗР, мерцедесот е проценет само на 207 илјади евра.
Проценката е побарана за лицитација, а Бирото за судско вештачење користејќи ја методологија на проценка ја исправило таа цена проценета од МВР, и мерцедесот добива нова поголема вредност од 234 илјади евра. А таа нова цена е речиси тројно поефтина од набавката на тоа на М од пред 6 години.
Миомир Серафиновиќ