
Мерко ја игнорира Владата, нема регистар на дивоградби во Струга
Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко ќе го достави регистарот на дивбоградби на јавната дебата за Акцискиот план, кажа самоуверено во понеделник минстерот Едмонд Адеми. Јавната дебата се одржа вчера, во Струга, на неа присуствуваше и градоначалникот Мерко кој се обрати пред присутните и си замина. Регистар не дивоградби ниту донесе со него ниту пак им го предаде на надлежните.
Претседателот на националната комисија за УНЕСКО, министерот Едмонд Адеми најави дека ќе побара од Владата да ги искористи сите законски механизими кои и стојат на располагање и градоначалникот Мерко конечно да ги посочи дивоградбите.
- За жал градоначалникот Рамиз Мерко не ги почитува роковите кои заеднички ги договоривме, согласно препораките на Владата. Одбивањето да го даде инвентарот на диви-градби, кои се во негова надлежност, во јавноста остава впечаток дека нешто се крие. Она што е важно е да Рамиз Мерко, како градоначалник мора да си ја заврши обврската која ја има, и кон институциите, но пред се кон граѓаните кои го избрале за градоначлник. Граѓаните очекуваат справување со дивоградбите кои го загрозуваат Охридското Езеро, и затоа Владата ќе биде бескомпромисна по тоа прашање, соопшти Адеми.
Мерко во повеќе наврати во јавноста тврдеше дека во Струга нема дивоградби. Без аргументи, и без докази, очекувајќи дека треба да му се варува на збор.
Меѓутоа неговиот став не го делат сите. Колегата и сосед тврди спротивно.
Во јули годинава Мерко преку соопштение ја информираше јавноста дека ги предава ингеренциите на централната власт и дека доколку треба да се руши и да одземаат концесии Владата треба да го стори тоа.
Владата повторно одлучи да не му одговори а го премолча и фактот дека Мерко не може да ги отстапи ингеренциите туку тие може да му бидат одземени. Таа постпка е прецизно утврдена и може да ја иницира само оној кој во моментов упорно молчи – Владата.
Во меѓувреме Антикорупциската отвори предмет околу финансиското работење на градоначалникот Мерко, утврди низа нерегуларности и неправилности, нетранспарентно трошење на Буџетски пари и побара отварање на кривична постапка против него.
Огнен Чанчаревиќ