
Мерко и ги отстапи ингеренциите за урбанизам на Владата
Притисок од бизнис заедницата и блокирање на измени во ДУПот од страна на Министерството за транспорт и врски се причината поради која струшкиот градоначалник Рамиз Мерко се откажа од ингеренциите во областа на урбанизмот. Тој денеска на официјалната страна на Општината на социјалната мрежа „Фејсбук“ го објави писмото со кое ја известува Владата дека отсега таа ќе биде надлежна издавањето дозволи за градба, легализацијата на објекти, концесиите и спроведувањето на забелешките од страна на УНЕСКО на владините институции.
Мерко тврди дека во неговиот мандат не била изградена ниту една дивоградба и дека против него и градот Струга се води негативна кампања, за да се покријат дивоградбите во Охрид и опасноста која доаѓа со одземање на статусот заштитен град од УНЕСКО. Мерко го обвини обвини министерството за транспорт и врски дека со блокадата на измените во урбанистичките планови спречиле странски инвестиции и развој на туризмот и допринеле да се затворат повеќе фирми.
„Јас како градоначалник на Општина Струга имајќи ги предвид и последните случувања и политичката состојба во државата одлучив да Ви ги отстапам ингеренциите во областа на урбанизмот во делот на издавање дозволи за градба, легализација на објекти, концесии како и во делот на спроведување на забелешките од страна на УНЕСКО. Се надевам дека Вие како централна власт со вашите капацитети ќе имате подобро разбирање и визија за потребите на бизнис заедницата и општина Струга“, рече Мерко.
Од Владата пак соопштија дека покрај Струга, централната власт ќе ги земе ингеренциите и од градот Охрид и ќе се проверуваат сите записници за дивоградби.
Од министерството за транспорт и врски не дадоа одговор на обвинувањата на Мерко за блокади и опстукции на општината.
Огнен Чанчаревиќ