
Мерки за финансиска помош на микро, мали и средни фирми
Третиот столб од мерките за економски раст меѓу другото даваат можност државата да стане косопственик во стартап фирмите. Преку т.н еквити фондови и со учество од 25 % во основачкиот влог на микро, малите и средни претпријатија, владата ќе стане косопственик односно партнер на стартап бизнисите. Реализацијата на ваквата мерка е веќе почната и таа е направена по примерот од Израел и за таа намена се обезбедени 450 милиони денари. Мерката ќе се однесува за нови и веќе постоечки фирми кои имаат идеја за развој.
„Кога компаниите се мали и ризични, државата детерминира средства во фондот и ќе влезе во нивниот капитал до 25 проценти од сопственоста. Државата тоа ќе го направи согласно критериуми и проценка од страна на стручен тим кој ќе ја процени идејата за развој на бизнис. Треба да се профитабилни, досега многу пари се потрошени во неспособни фирми, треба да се помогнат тие што ќе ја повлечат економијата“, изјави вицепремиерот Кочо Анѓушев.
Освен оваа мерка, среднорочната програма за периодот 2018-2020 предвидува и 4 други од кои дел се однесуваат и на т.н фирми газели, помош од 30 % за воведување нови стандарди и квалитет, помош до 5 милиони денари за нови алатки во информатичкиот сектор, како и помош за иновативни проекти и обука на вработени.
Условите што треба да ги исполнат компаниите што ќе аплицираат се дефинирани за секоја мерка. Првиот повик за финансирање иновативни проекти тежок 185.000.000 денари ќе биде објавен во текот на овој месец а други два во текот на годината и тие ќе траат по 45 дена. Вкупната сума планирана за помош на микро малите и средни претпријатија изнесува 645 милиони денари.
Виолета З. Стојановска