
Меркел и Пленковиќ се надеваат на напредок за Северна Македонија и Албанија
Со решавањето на проблемот со името, Северна Македонија направи неверојатен напредок, рече германската канцеларка Ангела Меркел на заедничката прес конференција со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ. На заедничката прес конференција, истакнаа дека се надеваат дека ќе има напредок во отворањето на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија со Европска Унија на Самитот во мај во Загреб.
Северна Македонија и Албанија заслужуваат да ги започнат преговорите со ЕУ, но на тој пат обете земји можат да се движат по различни шини во зависност од успесите, оцени Ангела Меркел,
„Во случајот на Северна Македонија, со решавањето на спорот за името беше направен неверојатен скок затоа што тоа прашање беше причина за блокада“, рече Меркел.
Германската канцеларка признава дека на самитот на ЕУ во декември не успеале да постигнат договор со Франција за повторно отворање на прашањето за почетокот на преговорите, но се надева дека тоа ќе се случи на самитот на ЕУ во март годинава.
Хрватскиот премиер Пленковиќ во изминативе недели, откако неговата земја го презеде претседавањето со ЕУ, имаше серија средби со водечките претставници на ЕУ, како и со земјите-членки. Од средбата со францускиот претседател Емануел Макрон произлегоа оптимистички најави од Загреб дека е можно придвижување во проширувањето доколку Европската Комисија до крајот на месецов ја заврши работата на реформата на методологијата која ја бараше Париз. Пленковиќ изрази оптимизам за Самитот на ЕУ што ќе се одржи на 5 и 6 мај.
– Овој Самит ќе даде реална перспектива во односите на ЕУ со земјите во соседството, за да знаеме со каква динамика овие земји се движат кон членството, наведе Пленковиќ.
Меркел и Пленковиќ разговараа и за координација со претседавањето со ЕУ и ја потврдија желбата заеднички да работат на решавање на проблемите.
Германија на 1 јули ќе го преземе претседавањето со ЕУ од Хрватска.