Мелничарите и се заканија на Владата дека нема да откупуваат пченица

Мелничарите и се заканија на Владата дека нема да ја откупат пченицата од годинешната жетва, која се проценува дека ќе тежи 160.000 тони, и таа ќе остане на нивите, доколку контролата на брашното што се увезува од Србија не почне да се врши во Македонија, а не во Србија. На власта тие и дадоа рок од 30 дена, до почетокот на жетвата, да одговори на ова нивно барање, и велат дека тоа всушност само ќе значи почитување на законите во земјава.

„Наш став е дека до жетвата и во жетвата, мелничката индустрија нема да биде во можност да откупува пченица, бидејќи нема средства, а и да има, нема каде да го продава сомеленото брашно, бидејќи увозот на српско брашно во Македонија е енормно зголемен. Владата да најде солуција за да не остане пченицата на нивите“, ВЕЛИ Горан Малишиќ од Групацијата на мелничко пекарска индустрија.

Во февруари годинава Владата го измени правилникот со што требаше контролните маркички на брашното да се лепат во земјава, дурти по направените анализи дека тоа има клалитет соодветен на декларацијата, но како што велат мелничарите, по посетата на вицепремиерот Анѓушев на Србија, Владата ретерираше и го врати старото решение. Со него, српските извозници имаат пониски трошоци и се доведуваат во поповолна ситуација, а цената на брашното на нашите мелничари станува неконкурентна на пазарот, тврдат тие. Кај нас пченицата се откупува по 11 денари килограм, а увезеното брашно од Србија чини 13 денари, а ние што и да правиме не можеме да ги покриеме трошоците за производство на брашно, велат мелничарите.

„На оваа еднострасна одлука се противевме, и се противиме, таа е донесена без да се земат предвид штетите кои им се нанесуваат на земјоделците, млиновите, на буџетот, но и на крајните потрошувачи. Ја потсетуваме власта да си стои на ветеното и да ги исправи сите грешки, за земјоделците и млиновите да не пропаднат. А сега млинови има само по банките, под хипотеки“, вели Горан Малишиќ, претседател на Групација на мнелничко пекарска индустрија.

Мелничарите обвинуваат дека мелничката индустрија се уништува со години наназад, поради несоодветни одлуки на челниците како во претходната, така и во сегашната власт.

„И нашиот министер кажа дека дека кај нас без маркички се влезени 25 ооо тони српско брашно, значи нашата држава не ги презела сите мерки за контрола“, велиу Никола Ѓоргиев, Макмлин.

Мелничарите тврдат дека тие не бараат да се стопира увозот на српско брашно, туку само да се почитуваат законите за контрола, а доказ за тоа е дека и во оние 40 дена додека траеја преговорите меѓу Владите, увозот е зголемен за уште 15 проценти. Велат дека зад нив стојат и производителите на пченица.

Групација ги отфрла обвинувањата дека спорот со Србија околу брашното настанал поради интереси на три наши мелничари и тврдат дека зад барањата стојат сопствениците на сите дваесетина мелници.

Домашните мелничари велат дека правеле анализи на српското брашно, кои покажале дека е безбедно, но не и со квалитет кој одговара на декларацијата, односно содржи повеќе пепел од тоа што би требало да го има типот деклариран на амбалажата.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ