
Меј: Вашата земја е интегрален дел од Европа
Силната порака дека Велика Британија ќе работи регионот на Западен Балкан да остане стабилен и безбеден, британската премиерка Тереза Меј ја испрати токму од Македонија. Одлуката да дојде во Скопје премиерката Меј ја потенцира со важноста на напредокот што го постигнала земјата за само една година, но сега треба да покаже дека има политичка волја да донесе тешки одлуки. Таа порача дека во решение на проблемот со името Македонија може да смета на британска поддршка, но од решението чисти придобивки ќе имаат и двете земји.
„Вашата земја е интегрален дел од Европа. Еден стабилен, просперитетен балкански регион е од корист за Европа. Нашето пријателство ќе јакне и натаму иако не сме веќе дел од ЕУ. Денес по 25 години никогаш не сме биле поблиску“, кажа Тереза Меј, премиер на Велика Британија.
И премиерот Зоран Заев ја оцени посетата на бтитанската премиерка како голема чест за Македојнија, што доаѓа во клучен момент кога се поставува темелна одредница за евроинтеграцијата на земјата. Македонскиот премиер не верува дека може да дојде до дестабилизација на Македонија и регионот ако не се реши спорот со Грција, затоа што е оптимист дека до решение ќе дојде, појаснувајќи дека она што е прифатливо и за него и за грчкиот премиер Ципрас е пакет решение на спорот.
„Едно е сигурно, пријателството ќе расте помеѓу Македонија и Грција и од тоа бегање нема. Довербата е изградена, граѓаните не упатуваат на тоа, тие соработуваат, институциите соработуваат, но јас искрено верувам дека може да најдеме решение. Опцијата која што би можела да биде прифатлива од двете страни е комплетно решение. Значи, не се работи само за парцијални делови. Секако, продолжуваат консултациите внатре во двете земји за да видиме дали навистина тоа решение би можело да биде прифатливо за двете страни“, кажа Зоран Заев.
Британската премиерка Меј најави дека од исклучителна важност ќе биде самитот со Западен Балкан на 10 јули во Лондон на кој ќе се решава за клучни прашања за регионот, а се одржува само еден ден пред Самитот на НАТО.
Едно од нив ќе биде и руското влијание на Западен Балкан, за кое Меј вели дека се однесува на пропаганда, кибер напади и затоа е потребно Европа да се здружи за да ги одбрани демократските вредности. За време на кусата посета, британската премиерка беше на прием во Собранието и разговараше со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Сања Васиќ