Меѓусебни обвинувања за загрозување на уставниот поредок

Законот за јазици спроведува двојазичност и го урива уставниот поредок. Дополнително, неговата реализација ќе значи дополнителни вработувања и оптоварувања на Буџетот, велат од ВМРО ДПМНЕ.

 Вчера, министерот Бујар Османи изјави дека постојните инфраструктурни и кадровски потенцијали ќе бидат искористени во имплементацијата на законот, но ќе бидат потребни и дополнителни.

  Додека Владата се подготвува да усвои план за детализирање на обврските на сите институции, опозицијата ќе води правна битка против законот. Утре ќе поднесе иницијатива пред Уставниот суд, што ќе биде втора по онаа на професорот Јове Кекеновски. ВМРО ДПМНЕ поднесе и кривични пријави против спикерот Џафери, заменик генералниот секретар Ибраими и директорот на Службен весник Костовски за кривичните дела: „злоупотреба на службената должност, злосторничко здружување и саботажа“ при објавувањето на законот.

За премиерот Заев, нема ништо спорно во објавувањето на законот без потписот на претседателот Иванов. Во интервју за Цивил медиа потсетува дека Иванов бил должен да го потпише указот по дуплото гласање во Парламентот, а не да прави опструкции и делби.

  • Постапката на објавување е во целосна согласност со Уставот. Тоа е постапка на одговорност и нужност со која се отстрануваат опструкциите кои Иванов сакаше да и ги нанесе на нашата парламентарна демократија. Претседателот Иванов се постави како пречка во работата на Собранието, со својот настап и речник поттикнува нови делби и конфликти. Добро е што завршува неговиот мандат, бидејќи на Македонија и треба претседател кој ќе го поддржи патот на државата кон просперитет, вели Зоран Заев, Претседател на Владата на РМ.

Законот беше објавен неделава. Собранието го донесе прво во јануари а по втор пат во март минатата година. Наместо потпис на Иванов, стои фуснота и објаснување дека тој одбива да потпише бидејќи неговите забелешки не биле земени предвид.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ