
Меѓупартиски калкулации за претседателски кандидат
По неуспешниот обид за консензуален претседателски кандидат, во СДСМ и во ДУИ се водат посебни постапки за избор на вистинската личност. Истовремено, двете партии ја држат отворена можноста во последен момент да биде постигнат договор.
Адеми тврди дека коалицијата со ДУИ успешно функционира и дека меѓу нив нема непремостливи и табу теми, меѓу кои, и обвиненијата од СЈО за неколку функционери од ДУИ.
Во СДСМ велат дека коалициите се темелат на партнерства и дека никој никому не е приврзок. Министерката Шеќеринска најавува разговори со сите партии од Владата на тема претседателски избори.
Деновиве, СДСМ упати Отворен повик за самокандидирање. Од кандидатите се бара висок углед, доверба од членството и спроведување на политиката на партијата. Синоќа во емисијата „Топ тема на ваша страна“, министерката Шеќеринска најави дека нема да се самокандидира, но не одговори дали ќе прифати ако партијата ја кандидира. Изборот на кандидатот ќе биде преку партиски конгрес на 3 март. За ДУИ, ова е неодговорен потег што довел до решение да се оди со сопствен кандидат. Лидерот Али Ахмети во интервју за МТВ посочи дека „на туѓа свадба нема да оди“ и дека ДУИ нема да биде ничија патерица или опашка.
Соња Николовска