
Меѓународната заедница очекува договор за независно СЈО
Меѓународната заедница очекува со новиот закон СЈО да задржи независност во рамки на Јавното обвинителство.
Ги поттикнува партиите од власта и од опозицијата заедно да ја понесат одговорноста и да постигнат договор што ќе му овозможи на СЈО натамошни резултати во работењето.
-САД силно сметаат дека Специјалното обвинителство треба да остане независно. Во канцеларијата на Јавното обвинителство, но со независност, за да може да води процеси против корупција на високо ниво и злоупотреба на функциите, со цел да се осигура дека ќе има одговорност за минатите но и за можните идни прекршоци. Ние силно веруваме дека тоа треба да биде дел од новиот закон, изјави в.д. амбасадорот на САД, Микаела Швајцер-Блум
– Кога зборуваме за судството, не станува збор само за законите туку и за резултатите. Најважно за специјалното обвинителство е дека тие имаат резултати во својата работа. Во минатите 3,5 години јас бев тука и можев да ги видам. Исто така знам дека понекогаш СЈО остваруваше и повеќе од она што сметавме дека е возможно. Некогаш и против сите очекувања, успеаја некои случаи да ги донесат пред судовите. Мислам дека тоа се многу важно моменти, додаде холандскиот амбасадор Ваутер Пломп.
Партиите се уште немаат согласност. Синоќа премиерот Заев го заокружи циклусот разговори со средба со Осумтемина од ВМРО ДПМНЕ.
Очекува викендов да продолжат обидите за усогласување околу Законот.
По вчерашните рзговори со ВМРО ДПМНЕ, кои завршија со заклучок дека има потреба од дополнителни консултации, министерката Дескоска, се надева дека ако биде постигнат консензус, спикерот Талат Џафери ќе закаже седница.
Спикерот Џафери доцна синоќа преку социјалните мрежи порача дека „Собранието работи врз основа на Деловник, а не врз основа на диктат, а уште помалку според одредени индивидуални претензии, па дури и да се од министер“.
Џафери смета дека пред избори не треба да се одржуваат собраниски седници, бидејќи се користат за кампања.
Законот за СЈО е еден од реформските закони, чие донесување треба да биде евидентирано во Извештајот на Европската комисија.
Соња Николовска