
Меѓународна оценка на мерките против загадувањето: Немате контрола врз мерките
Индустријата е најголемиот загадувач во Македонија, се вели во Заедничкиот ревизорски извештај за квалитет на воздухот на EUROSAI – Европската организација на врховни ревизорски институции. Потоа следува загадувањето предизвикано од загревањето на домаќинствата и помали фирми, додека автомобилите се оценети како средни загадувачи, а отпадот, земјоделието и останатите фактори се оценети како помали загадувачи.
Меѓународното ревизорско тело, составено од 15 врховни ревизорски институции го испитувале квалитетот на воздухот во неколку земји. За Македонија, во Извештајот стои дека дека системот за управување со квалитетот на воздухот не е правилно организиран и координиран, односно дека инспекциите не се координирани на централно и локално ниво.
Наодите покажуваат дека владите на Албанија, Косово, Македонија, Романија и Шпанија целосно не имплементирале ниту национална стратегија, ниту национален план. Во случајот со Македонија, Националниот план не содржи показатели за мерење на ефективноста на спроведување на политиката. Системите за мониторинг во најмалку девет земји, меѓу кои и Македонија, не генерираат целосни и/или веродостојни податоци.
Меѓународните ревизори и препорачуваат на Владата да ги ажурира сите релевантни законски акти и да ги усогласи со европската директива за амбиентниот воздух, исто така да обезбеди буџет за работа и одржување на сите мониторинг станици за квалитет на воздух.