
Меѓународен тренд е во пописот да нема изјаснување за етничка припадност
Неизвесно е дали претстојниот попис ќе покаже колку Македонци, Албанци, Турци или други етнички заедници живеат во Македонија. Државниот завод за статистика, како орган што треба да го спроведе главниот попис во 2020-та и пробниот во април 2019-та, предлага во пописниот прашалник да нема прашање за етничката припадност. Главната причина е: да се исклучи мешање на политиката во оваа статистичка операција.
Дури и ако пратениците не го прифатат овој став и одлучат да се задржи прашањето за етникумот, тоа ќе биде за последен пат. Симовски вели дека наредниот попис, предвиден за 2031, ќе се врши исклучиво со податоци од регистри, а таму нема податоци за тоа кој како се чувствува. Освен тоа, чувството е менлива категорија и е комплицирано за деца од мешани бракови.
И во другите земји, трендот е избегнување и одбивање на прашањето за етничката припадност.
Токму поради тоа, заедничките препораки на Обединетите нации и на Еуростат се дека овој белег може да го има, но не е задолжителен.
Во буџетот за 2019 веќе се обезбедени средства за набавка на лаптопи и на апликативното решение. Хартиените прашалници заминаа во историјата.
Пробниот попис ќе се одржи годинава од први до 21-ви април во четири пописни кругови од сите осум региони. Попишувачи ќе бидат вработените во Заводот за статистика, кои в година ќе бидат инструктори за останатите. Податоците нема да бидат објавени, а постапката ќе биде искористена за отстранување на евентуалните пропусти.
Во 2011-та пропадна обидот за организирање попис од политички причини, па последен успешен попис останува оној од 2002 година.
Соња Николовска