
Меѓународен ден на знаковниот јазик
Зголемување на додатокот за мобилност и изедначување со оној кој го добиваат другите лица со инвалидност, вработување во државната администрација и можност за бенефициран стаж, субвенции при набавка на мобилни телефони и соодветни тарифи се барањата кои ги упатија лицата со оштетен слух до парламентарците.
“Исто така институциите не ги плаќаат трошоците за толкувачи, освен судовите, но многу доцнат со исплаќање, така што тие трошоци ги плаќа Сојузот на глуви и наглуви. Сакам да прашам дали во Собранието, во администрацијата има вработено глуво лице?” – запраша претседателот на националниот сојуз за глуви и наглуви лица, Томица Стојановски.
“За жал ние немаме претставник, лице кои имаат проблеми или од вашиот сојуз кои би биле вклучечи во работата на интерпартиската парламетарна група. Јас претходно побарав да има такво лице кое ќе биде професионално вработено и да има канцеларија. Не само лицата кои се глуви и наглуви, туку и оние кои имаат проблем со видот, разни други попречености” –изјави Трајко Димков.
Дури и при вакви организирани посети не постои вработен толкувач на знаковен јазик во законодавниот дом.
Сепак пратениците ги убедуваа присутните дека во иднина ќе сторат многу повеќе за инклузивност на лицата со попреченост.
“Колку што се моите информации не постојат вработени лица со посебни потреби, со било каква потреба. Вклучително и лица кои имаат оштетен слух. Можеби првите пионерски чекори се направени во оваа Влада во Министерството за труд и социјална политика и знам за конкретни примери за лица со посебни потреби кои се вработени во Министерството за здравство” – рече Јагода Шахпаска од СДСМ.
“Еве на пример ако се носи некој закон зошто да не не прашате нас глувите ? Што и да е да се побара и наше мислење. И ние имаме право да си дадеме наше мислење, наша забелешка” – потенцираше Александар Стевоски.
И покрај фактот дека знаковниот јазик и неговата употреба се регулирани со Законот за употреба на знаковниот јазик донесен во 2009 та година со кој секоја државна и општествена институција е должна да обезбеди толкувач на знаковен јазик доколку лице со оштетен слух ги користи нејзините услуги, сепак лицата со оштетен слух сметаат дека многу малку се прави за имплементација на овој Закон.
Нина Стефанова