Македонија Медицинските тимови ќе прават теренска вакцинација во училиштата како одговор на епидемијата на сипаници
Медицински персонал од здравствените домови во земјата утре ќе тргне по училиштата и теренски ќе вакцинира. Ова го одлучиле во Министерството за образование како одговор на епидемијата на морбили која е прогласена и важи на целата територија. За министерот за образование ова е прво нешто што може да се направи кога болни од мали сипаници има во сите градови.
„Мислам дека воопшто не е агресивна кампањата. А, треба да биде агресивна имајќи ја во предвид ситуацијата со која се соочуваме. Имаме епидемија и институциите е недозволиво да стојат со скрстени раце туку треба да бидат проактивни, да излезат на терен и да ја подобрат ситуацијата.“ кажа Арбер Адеми – Министер за образование и наука.
Вчера министерот за здравство, Венко Филипче најави радикални мерки.
„Како што многу пати досега потенциравме – ниту едно дете нема да биде примено во градинка и во училиште невакцинирано.“ кажа Венко Филипче, министер за здравство
Здравствените власти инсистираат невакцинирани деца воопшто да не се примаат и да не бидат запишани во училиштата. Но Законот вели дека основното образование е задолжително. За евентуални законски измени и дообјаснување на одредбите во Законот за основно образование ќе се договараат од двете министерства.
„Уставот е јасен. Основното образование е задолжително. Во Законот имаме одредба во којашто стои дека при уписот во основните училишта треба да се приложи аргумент дека вакцините се примени од страна на детето.“ кажа Арбер Адеми, министер за образование и наука.
На Инфективната клиника во моментов се лекуваат четириесетина пациенти. 21 возрасен, а 20 се деца. Во потешка состојба е еден пациент поради компликации од вирусот, а три деца имаат воспалување на белите дробови.
Петар Догов



