
Министерот за здравство ветува повисоки плати за лекарите – специјализантите чекаат исполнети ветувања за да останат во земјава
Министерот за здравство Филипче со зголемени плати за лекарите специјалисти ќе се обиде да го задржи медицинскиот кадар во земјава. Моментално анализираат и пресметуваат колку пари од буџетот на државата треба да се одвојат за догодина да го оствари даденото ветување за повисока плата.
Додека здравствените власти прават пресметки како да ја зголемат платата на специјалистите, реагираат специјализантите. Министерот и на нив им даде ветувања. Остварил едно, а за останатите ветувања се уште чекаат.
Во овој момент се одвива јавна дебата за новиот Закон за лекарска дејност, а младите лекари специјализанти го поддржуваат истиот. Во него од Лекарската комора предложиле – колку повисока докторска функција, толку поголема плата што може да значи најмногу 1600 евра плата.
Според младите лекари специјализанти – само ако минималната плата за општ лекар е илјада евра, надлежните можат да се надеваат да ги задржат нив во земјата.
Петар Догов