„Медена Земја “ настан кој ја обележа 2019

Во сферата на културата настан кој ја обележа годината која изминува без соменеж е успехот на документарниот филм „Медена земја“ на режисерскиот двоец Љубомир Стефанов и Тамара Котевска кој освои 15 значајни награди на најпрестижните филмски фестивали.  

Филмот за Атиџе, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во централна Македонија, припадноста на човекот кон природата и нарушувањето на природната рамнотежа со вртоглава брзина ги освојуваше и публиката и критиката ширум светот. 

Се започна со триумфот на фестивалот „Санденс“ на крајот на јануари.

 Прв пат во историјата на фестивалот еден филм победи во три категории. Беше прогласен за најдобар светски документарец, ја доби  Специјалната награда за влијание за промена и Специјална награда за камера за Фејми Даут и Самир Љума.

По победата на „Санденс“, Тел Авив и голем број други награди и номинации, „Њујорк тајмс“ ја стави „Медена земја“ на прво место меѓу десетте најдобри документарци за 2019, „Варајети”  го вброи „Медена земја” на второто место на нивната листа на најдобри документарци.

Тргнавме со тие очекување, тргнавме со многу скромни очекувања, но едноставно филмот си го фати патот сам, вели режисерката Тамара Котевска.

Јас лично не верувам дека пораката може да го смени светот, меѓутоа е нешто што доаѓа до голема публика и дека барем поставува прашање, подвлекува режисерот Љубомир Стефанов.

На најпрестижниот светски настан посветен на документарниот филм, кој е во организација на ИДА (Интернационалната документарна асоцијација) режисерот Љубо Стефанов и снимателот Фејми Даут ги примија: признанието „Pare Lorentz“ („Паре Лоренц“) и наградата за најдобра кинематографија.

„Медена земја“ e македонски кандидат за Оскар во категоријата најдобар странски филм за 2020 на Американската филмска академија. Номинациите за 92. доделување на Оскарите ќе бидат објавени на 13 јануари, а свеченоста е на 9 февруари. Кои се нивните очекувања ?

Во тесен избор пред номинации во две категории во документарна секција и во странски филм од неанглиско говорно подрачје. Во првата сме во конкуренција на 15 филма од кои се бираат 5 во втората сме  меѓу десет филма од кои се бираат пет. Веројатноста е математичка 3 : 1,  2 :1 па ќе видиме, проценува Стефанов.

Нема очекувања, за мене лично немам било какви очекувања сметам дека тоа што треба ќе стои, додава Котевска.

Чуствителен и апсолутно прекрасен поглед кон руралниот живот, но и чесен приказ за еден еколошки кошмар.

Филмот „Медена земја“ премногу добро знае дека иднината на неговата хероина е несигурна и нејзиниот хармоничен начин на живот може наскоро да исчезне, а сепак пред камерата ѝ дава момент полн со достоинство и грациозност.“ – напиша Дејвид Фиар за Rolling Stone, вбројувајќи го филмот во листата на 10 најдобри документарци за оваа година!

Нина Стефанова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ