Медарски ќе го тужи за клевета Антонио Милошоски бидејќи неговиот ангажман бил за Тотал ТВ, а не за Дијаверум

Скопскиот адвокат Филип Медарски тврди дека снимките објавени на новоотворениот Јутјуб канал „Раце лепливи“ на кој се слуша Ден Дончев како го споменува неговото име воопшто не е поврзан со случајот Дијаверум како што тври опозицијата, туку со негов клиент од Тотал Тв.

-Би сакал да ја информирам јавноста дека разговорот на снимката, која беше објавена денес од страна на Антонио Милошоски, се однесува на мојот професионален ангажман за компанијата Тотал ТВ, каде бев ангажиран од мнозинскиот сосопственик, а во врска со кривична пријава, поднесена од малцинскиот сосопственик.Ова не е прв, ниту единствен мој ангажман за оваа фирма, мојата соработка со неа датира години пред тоа. Спротивно на она што го тврди Антонио Милошоски, во мојот ангажман нема ништо спротивно на законите и професионалната етика. Заради тоа, тој ќе биде тужен за клевета и вистинитоста на своите тврдења ќе мора да ги докаже на суд. Фирмата ”Дијаверум” ми е позната само од медиумите и никогаш не сум имал било каков контакт со неа или било која друга компанија од областа на дијализата, тврди Медарски во својот демант.

Пратеникот и кандидат за повторен избор Антонио Милошоски на својот ФБ профил ја објави снимката каде се спомнува името на Медарски дека застапувал во случај и напиша „Ден Дончев: Зоки ми даде пас! Слушнете како Заев и Дончев биле тандем за рекетирање на фирми, а несебично им помагал и Медарски, адвокатот на Заев! .., а Венко дали знаел?!“

Медарски во неколку наврати беше ангажиран и како адвокат на СДСМ, односно и на лидерот Зоран Заев.

Три аудио снимки и едно видео без тон беа објавени денеска а се поврзани со Дончев. Опозицијата тврди дека станува збор за рекетирање на фирми и криминал, додека власта тврди дека со новите „бомби“ ВМРО-ДПМНЕ врши манипулација. На една од снимките се слуша за шведска фирма, како и за истрага на финаниско разузнавање, а двете работи се поврзуваат со купопродажбата на Дијамед за што се отворени две истраги во обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ