Матис: Русија финансира проруски групи заради поткопување на референдумот во Македонија

Нема сомнение дека Москва финансира проруски групи во Македонија со цел неуспех на референдумот за името на земјата, изјави американскиот министер за одбрана Џејмс Матис пред новинарите во авионот за време на летот до Скопје, кој пристигна утрово. Тој во моментов е на средба со премиерот Зоран Заев и министерката за одбрана Радмила Шеќеринска, а за подоцна е најаена и заедничка изјава.

Пораката која се очекува да ја испрати Матис е поддршка да се излезе на референдумот. Тој во изјава за угледниот Вашингтон Пост вели дека македонскиот народ треба да го остават сам да одлучи на референдумот, и ги осуди руските напори да ги искористат своите пари и влијание за да се изгради опозиција на престојното гласање што на земјата ќе и го отвори патот до НАТО – на што Москва се противи.

Дека се поттикнува кампања за влијание врз македонските граѓани, вели и американскиот помошник секретар за одбрана Лаура Купер. Таа потенцира дека Русија со дезинформации се обидува да го смени мислењето на македонскиот народ, а како примери ги наведува напорите да се убедат луѓето дека гласањето не е релевантно и оти не е последниот чекор за влез во НАТО.

Американските дипломати се надеваат дека Матис може да испрати и силна порака до опозицијата, која според нив е незгодно тивка, да сфати дека Македонија нема да добие подобра шанса за влез во Алијансата.

Вашингтон Пост потсетува дека Матис е најновиот во низата меѓународни лидери кои ја посетуваат Македонија за да искажат поддршка за референдумот, а воедно тој е и највисокиот официјален претставник на САД што ја посетил земјата.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ