
Матичните лекари бараат економски мерки и за нив – од Владата со ветување дека барањето ќе биде разгледано
Матичните лекари се грижат за пациенти со Ковид-19, а се заборавени од институциите – реагира Здружението на лекари по општа и семејна медицина. Испратија писмо адресирано до премиерот и министерот за здравство и побараа и тие да бидат помогнати со пари од буџетот.
Сметаат дека се во нерамноправна положба со другите лекари од здравствениот систем, бидејќи се приватни здравствени установи. Помош бараат за основните работи – заштитна опрема и дезинфициенси.
„Бараме награда за сите тимови на матични лекари кои се грижат за пациенти со Ковид-19 во домашен третман и ќе се грижат за пациенти кои прележале Ковид-19. Вредносни ваучери кои ќе можат да ги искористат за набавување на средства за лична заштитна опрема и хигиенски материјали“ велат од Здружението на лекари по општа и семејна медицина.
Веднаш стигна одговор од премиерот Спасовски. Одговарајќи на новинарско прашање, тој најави дека Владата ќе го разгледа нивното барање.
„Ќе го разгледаме барањето, да видиме што се барањата и на матичните лекари и на основа на тие анализи ќе ги носиме и одлуките. Вие можете да имате и опрема, можете да имате и инфраструктура и згради – но, ако нема стручни компетентни луѓе коишто коишто се надградени соодветно во здравствениот систем тогаш тој систем не може ниту да функционира“ изјави претседателот на Владата на РСМ, Оливер Спасовски.
Во писмото кое ќе го разгледуваат владините тимови, пишува дека лекарите по општа и семејна медицина стравуваат за финансиското опстојување на приватните амбуланти. Освен без заштитна опрема, вработените ќе останат и без плати. Во тој случај ординациите ќе добијат клуч на врата.
Петар Догов