Масовен протест во Солун: „Македонија значи Грција“

„Македонија значи Грција“. Ова е паролата под која денеска во центарот на Солун се одржа масовен протест против употребата на терминот Македонија во името на нашата држава. Подготовките започнаа уште пред неколку денови кога масовно во цела Грција се делеа летоци и се повикуваа граѓани да дојдат на протестот, продолжија вчера кога целиот град беше залепен со плакати на кои пишува Македонија значи Грција, а кулминираше денеска во два часот по локално време кога со околу 500 автобуси од целата земја пристигнаа илјадници Грци за да протестираат пред белата палата во Солун.  Група Грци пак од Крит со коњи и облечени во народни носии се упатиле кон Солун да се приклучат на денешниот протест против употреба на името “Македонија” од Македонците. Со себе носат и натписи против употреба на името “Македонија” со слоган “Кога предавниците владеат, патриотите се виновни”. А токму целта на протестот е да се убеди Грчката влада во преговорите да не прифати било какво име за нашата држава кое ќе го содржи терминот Македонија. Организторите кои се грчки здруженија и организации од дијаспората, а кои имаат поддршка, меѓудругото, и од политички партии, спортски и христијански здруженија, градоначалници и митрополити од различни општини и бараат организирање на референдум за ова прашање.

За денешните протести во интервјуто кое го објави неделното издание на весникот Етнос грчкиот премиер Алексис Ципрас вели дека националните интереси не се бранат со протести туку со преговарачки способности. Додава дека и тој е полу Македонец за тоа што мајка му се родила и пораснала во грчката област Македонија.

„Веќе 25 години соседите се признати од многу земји под името Република Македонија. Ние секаде се бориме сите да ги нарекуваат пјРМ, односно со сложеното име што го содржи терминот Македонија, но без никаква одредница што би го спречила присвојувањето и на географијата, но и на историјата. Значи, доколку постои можност за решение што ќе ги отстрани овие негативни факти што ни ги наметнаа во 1992, тогаш ќе биде национална глупост да не ја искористиме“, вели Ципрас.

Но на денешната свечена литургија во црквата Свети Димитрија солунскиот митрополит Антимос, во своето 30 минутно обраќање порача дека „Скопје нема ни стара ни понова историја“.

„Скопје никогаш нема да биде прифатено во грчката народна свест со името Македонија, бидејќи нашата Македонија постои во срцата на Грците, како нераскинлив дел од нашиот национален суверенитет веќе 2800 години. Скопје никогаш нема да може да го задржи името Македонија затоа што тоа им припаѓа на Грците, вели Солунскиот митрополит Антимос.

Протести на грчката дијаспора се одржаа и во Мелбурн каде за малку е спречен инцидент со македонски иселеници. Се почнало со вербална пресметка на демонстрантите и група Македонци кои, облечени во маици со македонски национални обележја, седеле на кафе. Медиумите јавуваат дека дошло и до физичка пресметка, по што интервенирала полицијата која употребила и солзавец.

И додека протестите се разгоруваат грчките медиуми се почесто калкулираат со можното решение а името. Денешен Катимерини објавува дека Според добро информирани извори, по минатонеделните средби на грчкиот премиер Ципрас со шефот на грчката дипломатија Коциас и архиепископот Јеронимос, Грција се повеќе е за името Република Вардарска Македонија. Од друга страна пак Македонија, според Катимерини, е повеќе за името Република Нова Македонија.

Билјана Николовска

https:/youtu.be/pfJ5POI63Dk

 

 

 

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ