Мас: Новата методологија не смее да го попречи стартот на преговорите со земјава

Не сме задоволни од одлуката на Европскиот совет, но не се откажуваме, на следниот Совет Германија ќе се заложи Македонија да добие датум за старт на преговори. Може да се потпрете на Германија. Ваква порака денеска испрати шефот на германската на дипломатија, Хајко Мас, кој дојде во Скопје, како што рече, да ја искаже германската поддршка за земјава.

„Како Сојузна влада и ја слично ќе се заложиме во рамките на Европскиот совет да се донесе одлука со која што ќе ги започне Северна Македонија преговорите со ЕУ за прием. Ќе кажам дека може да се потпрете на Германија“,  рече Хајко Мас, министер за надворешни работи на Германија.

Според Мас Македонија може веднаш да ги почне преговорите за членство и оти никој во Унијата не го довел во прашање пристапувањето на земјава. Според него менувањето на методологијата на пристапниот процес не смее да биде услов за старт на преговорите. Тој информираше дека од Франција се уште не добиле готов предлог за промената на методологијата, но додаде дека ставот на Германија е оти со предлозите не треба да се смени нешто клучно за Македонија и за Албанија. 

„Подготвени сме за реформите на пристапниот процес да зборуваме, меѓу сите змеји членки на ЕУ, но не сакаме тоа да биде услов за отворање на пристапните преговори, туку веруваме дека постапката кон Северна Макеоднија е толку напредна што сега конечно би можеле да донесеме конечна одлука за отпочнување на пристапни преговори“, рече Хајко Мас, министер за надворешни работи на Германија.

Мас рече дека Германија е подготвена дополнително да и помогне на земјава да го изоди патот докрај, при што клучно е продолжување на реформите, особено во делот на борбата против корупцијата, судските реформи, владеењето на правото.

Шефот на македонската дипломатија рече дека од Германија стигнала јасна порака за поддршка за земјава.

„Ние како држава, но и како регионот имаме незавршена работа и разговаравме што престои за да имаме успех и ЕУ и ние, успех дома и за целиот регион на Западен Балкан, бидејќи колку ние имаме интерес да бидеме дел од ЕУ и ЕУ има интерес да бидеме дел од неа“, рече Никола Димитров, министер за надворешни работи на Македонија.

Димитров рече дека земјава во Германија гледа близок пријател и влијателен глас во Унијата, што ќе и помогне да дојде до точката на успех.

Мас освен со Димитров попладнево се сретна и со шефот на државата Стево Пендаровски.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ