
Мас: Искористете ја историската шанса
Германскиот министер за надворешни Хајко Мас се приклучи на повиците за успешен референдум што во прсрет на гласањето ги испраќаат меѓународните претставници. Мас ја пофали Владата за Договорот со Грција, велејќи дека е историска шанса, долгогодишниот спор да се реши еднаш засекогаш.
„Направивте историски потег со грчката влада. 25 години спорот меѓу Македонците и Грците беше пречка помеѓу двете држави, а сега е блиску и на дофат историската шанса овој спор еднаш и засекогаш да се реши. Се надевам дека што е можно повеќе Македонци на 30 септември ќе го искористат своето демократско право и ќе гласаат. Одлуката сега лежи во рацете на граѓаните на оваа држава и тоа е правилната можност. Се надевам ќе ја искористите истата“, кажа Хајко Мас – министер за надворешни работи на Германија.
Апелот на Мас да се излезе на гласање на референдумот, доаѓа само еден ден, пред Уставниот суд да расправа за уставноста на Одлуката за распишување референдум што ја донесе Собранието на 30-ти јули.
Партијата Левица и Светскиот македонски конгрес ја оспорија одлуката како против уставна со барање таа да биде поништена. Но, министерот Никола Димитров вели дека е голема одговорноста сега да се одземе клучот од рацете на граѓаните.
„Кога имаме толку крупна историска одлука дали ќе се враќаме назад или ќе тргнеме напред, мислам дека е огромна одговорноста било кое тело, па дури и уставниот суд, клучот да го земе од рацете на граѓаните“, кажа Никола Димитров министер за надворешни работи.
По средбата со министерот за надворешни Никола Димитров, Мас го повтори ставот на официјален Берлин, дека ја поддржува европската иднина на балканските земји и дека тоа така ќе остане. Тоа е во интерес и на Европа и на Германија, вели германскиот министер.
Прашан што точно Германија ќе добие од членството на Македонија во Унијата, Мас не спомна конкретни земји, но рече дека ако Европа не му понуди перспектива на Балканот, тоа ќе го сторат други.
„Мислам дека Европа и Германија пред се имаат интерес регионот на Западниот Балкан, општо, да добие европска перспектива. Доколку не им ја понудиме како што треба таа перспекртива на земјите од Западен Балкан јас сум сигурен дека други ќе се потрудат нивното влијание да го зголемат во истиов регион. И ми се чини дека тоа се моќни играчи коишто немаат исти вредности како ние во ЕУ. Затоа е важно Македонија да добие сигурна европска перспектива, но исто така ова е интерес што важи за комплетниот Западен Балкан“, кажа Хајко Мас – министер за надворешни работи на Германија.
Министерот Димитров е воздржан околу евентуално руско влијание врз референдумот. Вели ќе можел и малку повеќе да каже за ова, да не беше на оваа позиција, но и натаму ќе ги убедува руските дипломати дека одлуката за членство на Македнија во НАТО е одлука на мнозинството граѓани.
„Тоа за нас значи порака дека Македонија е тука да остане во овие граници и ќе ја извлече Македонија од џебовите на незивесност кои се уште постојат на Балканот. Јас нема да престанам да ги убедувам руските дипломати дека е ова вистинската работа и дека ова е наша одлука“, кажа Никола Димитров министер за надворешни работи на Македонија.
Од Скопје, германскиот шеф на дипломатијата заминува во Атина со истата порака со која дојде во Скопје: ова е историска шанса да се реши спорот со името, и тоа е во интерес на двете земји.
Марија Дивитарова