
Марин очекува инвеститорот да се откаже од градење, за инвеститорот не постои причина ниту да се преговара за тоа
Багерите кај Мајчин дом моментално се во мирување, а од општината велат дека траат преговорите со инвеститорот ЗСФ Ком за целосно повлекување од градбата на деветкатницата.
Од друга страна, за сопственикот на фирмата Фатмир Етеми нема причина ниту да се преговара за парцела за која постои Детален урбанистички план и одобрение за градба.
Градежните работи на земјиштето кај Мајчин дом привремено се запрени со решение од Општината.
Кога имаш одобрение за градба не може да те стопира ниту градоначалник на општина, туку може само по управна постапка да ми ја поништат дозволата ако е добиена спротивно од законот. А, дозволата е добиена согласно законот. Ние имаме уште две парцели таму, други, каде што нема ДУП и за тие парцели може да разговараме. Но, за оваа парцела има ДУП и има одобрение за градба, имаме платени и комуналии – нема што да се разговара веќе. Ова е завршен чин, вели Етеми.
За градоначалникот на Аеродром единствено прифатливо решение е зграда кај Мајчин дом да нема, а инвеститорот да биде обесштетен за 5 до 6 милиони евра колку што потрошил за купување на земјиштето и за комуналии.
Тој има вредност на земјиштето кое што го купил и трошоците што ги имал за време на проектирањето на таа зграда, што е нормално. Ние како држава, како општина ќе треба согласно толкавата вредност да го обесштетиме, вели Марин.
До сега, од фирмата ЗСФ Ком продале и четири станови од деветкатницата која пред една недела започна да се гради кај Мајчин дом и чија изградба моментално е во мирување.
Петар Догов