
МАНУ: Рефлекторите на ЕУ ќе бидат насочени кон Министерството за правда
Рефлекторите на ЕУ во наредната период во најголем дел ќе бидат насочени кон Министерството за правда кое има една година да ги спроведе реформите неопходни за отпочнување на процесот на преговори за членство во ЕУ, кои се условени со целосно спроведување на договорот за решавање на спорот за името. Министерката Дескоска е оптимист дека рокот ќе биде испочитуван, посочувајќи дека се формирани работни групи по области кои веќе работат на неопходните реформи.
Владеењето на правото е најголемиот проблем на земјата и основна причина за длабоката општествена криза, вели претседателот на МАНУ, Таки Фити. Дел од проблемите како што се партизираните институции, корупцијата и судскиот систем, се присутни уште од периодот на транзиција. Нивното решавање е долготраен процес кој единствено може да го забрза меѓународниот фактор, смета академик Фити, посочувајќи дека проблемот не е во законите, туку во нивната примена.
Владеењето на правото и доброто управување е тема на годинешната „Охридска летна школа“ што во организација на МАНУ се одржува во Охрид, на која, меѓу другото, ќе се дебатира за итните реформски приоритети во правниот систем кои според научната јавност се клучни за перспективата и развојот на земјата.
Горан Момироски