Манчевски потврди, се бара кадар за докомплетирање на тимовите за преговори со ЕУ

Тимовите кои треба да преговараат за поглавјата 23 и 24 се речиси комплетни и нема никаков проблем во нивното функционирање но за останатите поглавја допрва ќе се екипираат.

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, најави дека допрва заедно со министерствата за труд и социјала, финансии и секретаријатот за европски прашања ќе се изготви предлог кој треба да привлече луѓе од рамките на јавниот сектор но и од надвор да се приклучат во процесот на преговорите.

На ова ќе се работи во следните месеци а министерот уверува дека тимовите ќе бидат подготвени во моментот кога ќе почнат преговорите.

Околу јавната администрација, вработувањата и зголемувањето на бројот на административци, иако беше најавено намалување, министерот тврди дека станува збор за неопходни вработувања во здравството, образованието и центрите за социјална работа и најави дека ќе има реорганизација и оптимизација на јавниот сектор.

Сепак не даде прецизна бројка или процент за намалувањето.
Како едно од решенијата се наметнува префрлањето на административците во приватниот сектор, кое ќе биде на доброволна база и би требало да заврши до крајот на оваа година.

Дипломатите предупредуваат дека Европската Комисија ќе има проблем во извештајот да најде нешто позитивно за реформата во јавната администрација бидејќи е констатирано нејзино зголемување надополнето со политички именувања.

Огнен Чанчаревиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ