МАН на протест- медиумската слобода е загрозена

Под мотото: „На новинарскиот збор одговорете со збор, а не со апсења и прогони!“ денеска пред Основното јавно обвинителство се одржа мирен протест, во организација на Македонската асоцијација на новинари (МАН), како реакција на обвинителниот акт за оддавање службена тајна во предистрага што го поднесе Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција против Александар Митовски од порталот Инфомакс.

Митовски, кому му беше поднесен обвинителен акт за оддавање службена тајна по објавување на дел од записник од исказот на бизнисменот Орце Камчев во случајот „Рекет“ изјави дека обвинението е директен притисок врз слободата на медиумите и, како што вели, е наменет за заплашување на новинарите.

Според претставничката на МАН Ивона Талевска, последниот чин од Јавното обвинителство покажува дека медиумската слобода во држвава е загрозена.

На протестот под наслов „На новинарскиот збор одговорете со збор, а не со апсење и прогони” присуствуваше и Марко Лазаревски, член на УМС на ВМРО-ДПМНЕ кој пред две години, плукаше новинар кој имал различен став од оној на неговата партија.

Со поднесеното обвинение,  обвинетиот се товари дека на 23 август, преку интернет порталот www.infomax.mk на јавноста им ги сторил достапни податоците што претставуваат службена тајна.

Основното јавно обвинителство денеска во појаснување на поднесениот обвинителен предлог наведе дека кривичното дело – Оддавање службена тајна од член 360 став 1 од Кривичниот законик го сторува тој што на јавноста или на неповикано лице ќе соопшти, предаде или на друг начин ќе му ги стори достапни податоците кои претставуваат службена тајна или прибавува такви податоци со намера да ги соопшти или предаде на јавноста или на неповикано лице.

Објавено на
© 2026 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ