Малите сипаници не стивнуваат – новозаболени има секој ден, а четворица се критични

Епидемијата на мали сипаници се уште е во полн ек и нема да стивне во скоро време, алармираат од Министерството за здравство. Стотина нови случаи на заболени има секоја недела, а единствената заштита против заразата е само вакцината МРП, посочуваат надлежните. Тие се трудат да стигнат до посакуваниот процент на колективен имунитет.

„Ова е очекувано. Очекуваме и во следниот период согласно проценките на епидемиолозите тоа да биде бројот на пациенти коишто ќе се јавуваат на преглед.“ кажа Венко Филипче, Министер за здравство.

Докторите секојдневно прегледуваат нови пациенти кои доаѓаат со висока температура и осип по телото. На Инфективна 33 се хоспитализирани во болнички кревет. Четворица се критични.

„Вчера имаше пет нови прегледани пациенти со морбили, а двајца се примени на болничко лекување. Во животозагрозувачка состојба е 16 годишната пациентка со церебрална парализа и масивна пневмонија. Во потешка состојба на одделите има тројца возрасни.“ соопштија од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.

На Детска бројките се малку подобри. Десет доенчиња се лекуваат болнички, но ниту едно не е во критична состојба ни потврдија од клиниката.

Министерот Филипче е задоволен со бројот на извакцинирани деца до 14 години во Скопје. Но, надлежните за сега не знаат како да ги натераат родителите од другите градови да ги имунизираат децата.

„Нешто е послаба динамиката на вакцинирање во останатите градови во државата, за што утре ќе дискутира Комисијата за заразни болести. Сакаме во текот на утрешниот ден на тој состанок да продискутираме за можните причини и да видиме како може да се надминат и согласно тоа ќе постапиме или ќе преземеме соодветни мерки.“ кажа Венко Филипче, Министер за здравство.

Пред само неколку дена поради компликации од морбили почина дете под една година. Немало никакви хронични болести, но вирусот на мали сипаници е најопасен токму за најмалите.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ