Мали херои – голема инспирација

Андријана и Теодора пред неколку години ги напуштиле болничките соби и кревети како херои, целосно излекувани од карцином. Сега тие се вратија назад на истото место како хуманитарци волонтери, да им помогнат при лекувањето на децата кои сега се борат со агресивни типови на болести.

Тие се нивни учителки и нивни другарки истовремено. Ги охрабруваат додека примаат хемотерапија и ги заспиваат со приказни за добра ноќ.

Својот животен пат го раскажаа пред камерата на Телма, внатре во таканаречената „родителска куќа“ која се наоѓа во кругот на Клиничкиот центар и служи за поддршка на родителите чиишто деца се во болница.

„Личното искуство мислам дека е најважниот дел од оваа работа. Со самото тоа што јас сум го преживеала тоа на нив им дава некоја приврзаност и блискост спрема мене и надеж дека сигурно и нивните деца, зборувам за родителите, ќе го преживеат тоа. Исто и на децата им дава сила и волја да се борат со сите тешкотии што поминуваат во моментот. Имаме ние работилници, се зависи од возраста на детето и полот. Обично некои сакаат да цртаат, да бојат, да читаат, а некои сакаат и да разговараат. Децата се навистина мили и подготвени за соработка и многу сакаат дружба. Сите не знаат кои сме и што сме по име и ние ги знаеме нив. Има пријателство меѓу нас веќе долго време.“ , вели Андријана Серафимовска.

Андријана сега е студент, а од рак на коски се има излечено на своја 12 годишна возраст, по цела година престој на Детската клиника.

За операција била до Шведска, а примала и хемотерапија.

Соработува заедно со други волонтери. Една од нив е нејзината другарка Теодора која лекувајќи се, добила желба да стане медицинско лице за да ги лекува сите оние со иста мака како нејзината.

„Знам моментално што се случува во нивните глави. Децата како деца можеби не знаат толку бидејќи на Детската клиника се на помала возраст и не се запознаени сите со тоа што им се случува и ним им се објаснува тоа како некоја тешка болест или страшна болест што ќе помине по некој период. Но, најголемата траума и страв ја имаат баш родителите. Гледаме во тој период некако да ги извлечеме тие црни мисли, боцкања, лежења во болница и малку да ги насмееме. Кај родителите е потешко бидејќи тие се свесни за тоа што се случува и сепак се разговара сериозно.“ – вели Теодора Трајковска.

Андријана, Теодора и останатите хуманитарци заедно со другите коишто не ги снимивме, се организирани преку „САНО“. Тоа е единствена организација која што работи со деца болни од рак вели претседателката и за неа – Андријана, Теодора и другите се повеќе од волонтери.

„Пред се’, тие не се обични волонтери. За мене тоа се херои. Ако за некој човек е херој лекарот кој му го спасил животот, ако за некој човек е херој пожарникарот што му го изгаснал пожарот дома – за мене ова се деца херои. Тоа се деца кои победиле канцер. Сите имаат своја приказна, а денес сите тие се волонтери и помагаат на децата кои во моментов се борат против рак. Тоа се една посебна категорија на деца кои поминале многу и ги осознале вистинските вредности на животот. Точно знаат на што да се радуваат и како да го ценат секој нов ден.“ – подвлекува Марија Тасев, претседател на “САНО”.

Периодов дечињата со рак на Детската клиника се ангажирани најмногу со изработка на новогодишни честитки. Не сите деца се во добра кондиција да можат да присуствуваат на работилниците.

На оние кои не можат, волонтерите им читаат приказни за добра ноќ и со нив разговараат за се што им е интересно.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ