Маленко: ПФМ има легитимно раководство

Македонското пливање функционира со легитимно раководство откако минатата година во ноември беше признаено од Агенцијата за млади и спорт на Редовно Собрание, реагираше првиот човек на Пливачката федерација на Македонија, Александар Маленко, кој е зачуден од новата Инцијатива за Собрание од страна на 15 клубови.

„Ние сме раководството на ПФМ. Сакаме да ја запознаеме јавноста за случувањата во федерацијата, поконкретно со иницијативата за одржување вонредно Собрание. АМС доставила допис до Иницијативниот одбор, до Владата на РМ, до пливачи клубови, а никаде не стои до ПФМ. Јас одговорно тврдам дека ние како Пливачка федерација немаме добиено никакво писмо со печати и потписи од клубови, за било какво барање на Собрание. Доколку има барање од две третини од членките на ПФМ, ние сме должни да закажема Собрание. На 18 ноември се одржа легитимно Собрание на ПФМ за избор на нов претседател, на тоа собрание и АМС имаше свој претставник – инспектор за спорт кој ја потврди легитимноста. За ова што го говорам постојат аудио снимки, како самиот инспектор потврдува дека се е законски“, изјави Маленко.

Поранешниот македонски репрезентативец најави правна борба за докажување на легитимноста на сегашното раководство на ПФМ и кажа дека имаат поддршка од светските пливачки организации ФИНА и ЛЕН.

„Имаме поддршка од ФИНА и ЛЕН, како и од Македонскиот олимписки комитет (МОК). Од нив добивме признание за нашата работа во изминатиот период од нашето доаѓање. Сега поради нечии лични потреби и фрустрации, некој сака да не спречи во нашата намера да го вратиме пливањето на местото кое го заслужува. Ние сме за спортски дијалог и разговор со Владата, но како што кажа и премиерот Заев, политиката и политичарите треба да се надвор од спортот“, дополни Маленко, кој побара да му се дозволи да го заврши мандатот, а во спротивно, како што рече, можни се санкции од меѓународните организации.

„ФИНА признава четиригодишен мандат. Отворени сме за соработка во секое време. Сакаме се да биде според законот. Доколку не се реши ова, покарај нашите ингеренции како правен субјект, ние со две писма од ИОК сме опоменати како држава, дека доколку не се тргне политиката од спортските федерации се соочуваме со санкции, нешто што го потврди претседателот на МОК Васил Тупурковски. Тоа е нешто што ние не би сакале да се случи“, потенцира Александар Маленко.

Потпретседателот на ПФМ и легендата на македонско пливање на долги патеки, Томи Стефановски апелира да се најде заеднички јазик за целата ситуација.

„Влегов во оваа федерација со најдобри намери, очекував да ги решаваме проблемите со пливањето, а не да се занимаваме со вакви работи. Проблеми има и во ПФМ и во АМС и тие треба да се решат. Ние како федерација треба да комуницираме со ФИНА и со ЛЕН, како и со МОК како домашна институција, а Агенцијата за млади и спорт треба да биде наш партнер. Не треба да сме на различни страни ако ни е целта спортски резултати“, посочи Стефановски, кој е за обединување на пливањето и вклучување во работата на клубовите на истакнатите македонски пливачи со цел враќање на квалитетот на овој спорт во нашата земја.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ