Макрон: Одвојувањето на Македонија и Албанија ќе беше смртоносна политичка грешка

За францускиот претседател Емануел Макрон, одвојувањето на Македонија и Албанија на патот кон Европската унија би било смртоносна грешка. Макрон, кој кажа „НЕ“ за датум за преговори за двете земји, на Самитот на Европската унија што заврши денеска во Брисел, го бранеше ставот зошто е против одвојување на двете земји.

Зелено светло за Северна Македонија без Албанија ќе беше смртоносна политичка грешка, а тоа беше единствениот можен консензус. Ќе видевме политички и социјални движења од неверојатно насилство, не само кај албанското малцинство во Северна Македонија туку во сите земји каде има албанско малцинство,

рече Макрон.

Макрон за прв пат кажа дека полноправното членство не треба повеќе да биде единствената политика кон земјите од соседството на Унијата. Смета дека со овие земји треба да се има стратешка агенда, но дека не значи дека проширувањето треба да биде едиснтвената политика.  Зборови со кои прв пат се доведува во прашање европската иднина на земјите од Западен Балкан.

Макрон не беше осамен во противењето на Македонија и Албанија да им се даде датум за почеток на преговори..

Германската канцеларка Ангела Меркел која поддржа отворање преговори со двете земји, кажа дека не е тајна дека освен Франција, и Данска и Холандија имаат резерви кон проширувањето.

Позицијата на Германија беше дека може да се дојде до отворање преговори под определени услови. Меѓутоа, ваквиот став не можеше да добие согласност од сите и поради тоа жалам многу. Дискусијата беше многу обемна и уште еднаш ја нагласи важноста на овие земји од геостратешки, но и од европски аспект. На оваа тема ќе мора и натаму да работиме,

рече Меркел.

Досегашните европски челници се разочарани што европските лидери не се согласија за отворањето преговори.

Не е неуспех туку е грешка. Се чуствувам навистина засрамено. Не станува збор само да им се помогне или да се одбрани македонската или албанската влада, навистина така се чуствувам денеска. По вчерашната дискусија и двете држави ги положија испитите, не можам да го кажам тоа за нашите земји членки,

рече претседателот на ЕС Доналд Туск.

Туск признава дека после ова, тешко е да се биде оптимист околу проширувањето.

Навистина имаше огромно мнозинство, подготвено да го прифати овој, во секој случај, навистина тежок и предизвикувачки процес. Мислам на пристапните преговори со Албанија и Македонија, за никого од нас не е лесно. И затоа мислам дека мораме, можеби не е најлесниот момент за нас, но сакам да гледам на светлата страна на ова,

додаде Туск.

Во заклучоците, од Самитот пишува дека Европскиот совет ќе се наврати на прашањето за проширување пред Самитот ЕУ-Западен Балкан на Самитот во Загреб во мај идната година. Формулација, која Унијата неколку пати ја споменува кога е во прашање проширувањето.

Од Брисел за Телма Марија Дивитарова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ