
Макрон и Меркел вечерва одлучуваат за европската иднина на Македонија
Францускиот претседател Емануел Макрон вечерва ќе и биде домаќин на германската канцеларка Ангела Меркел на работна вечера во Париз, на која треба да се одлучи и иднината на Македонија во Европската Унија.
Главна тема на вечерата ќе биде Брегзит и заедничката седница на германската и француската Влада во среда во Тулуз, непосредно пред самитот на Европските лидери.
Но датумот за почеток на преговори на Македонија со Европската Унија е сериозно под знак прашање откако француски дипломати пред два дена најавија дека Франција е против се додека не се усвои нова методологија за пристапни преговори за членство во ЕУ и одредувањето на датумот за Македонија да се одложи за март идната година.
Затоа оваа вечера на Макрон и Меркел се смета за последна шанса да се убеди Париз да го смени ставот за блокирање на преговорите со Северна Македонија и Албанија.
Повеќето членки на Унијата се за почетокот на преговорите и сметаат дека доколку тоа не се случи ќе следува дестабилизација на регионот.
Средбата Макрон-Меркел е зад строго затворени врати така што исходот нема брзо да се знае, а за утре е свикан нов состанок на амбасадорите на ЕУ, како обид за постигнување консензус пред министерскиот Совет кој треба да заседава во вторник, во Луксембург.
Не е исклучено одлуката за датумот да биде донесена на Самитот на европските лидери два дена подоцна каде последниот збор ќе го каже францускиот претседател Макрон.