
Макрон: Го подржувам договорот! Потполно! Силно!
Осум дена пред референдумското изјаснување, францускиот претседател Емануел Макрон упати силна, јасна, и како што самиот вели, скромна поддршка на Преспанскиот договор. Во видео пораката до македонските граѓани, вели дека на 17 јуни годинава бил ставен крај на 27-годишниот спор со Грција, што овозможува напредок и подготовка за иднината. Но, свесен е и за критиките.
„Знам дека ниеден договор не е совршен. Знам дека за едните истиот не е доволно долгорочен, а за другите дека поинаку би го испреговарале. Ги слушам сите критики кои се кажани. До пред неколку месеци никој не се надеваше на овој договор. Но, на овој договор се чека веќе 27 години. Овој договор се постигна поради храброста на Вашите и на грчките лидери. Затоа јас го поддржувам. Потполно! Силно!“, вели Макрон.
Претседателот Макрон вели дека тој лично е „за“ и дека смета на вистинската одлука на нашите гласачи.
„Вие треба да изберете и да се одлучите дали сте за промена на Уставот или не, за Спогодбата да стане важечка. Да станете Северна македонија, согласно Спогодбата. Јас одлучно сум ЗА и цврсто верувам дека овој договор е добар! За вас, за целиот регион и за Европа. Сметам на Вас!“, додава францускиот претседател.
Пораката од Макрон е последната во серијата пораки од претседатели, премиери, министри, амбасадори и други високи дипломати во последниве недели. Тоа е значајна поддршка за евроинтеграциите на земјата, особено ако се има предвид дека до пред три месеци, Франција беше најголемиот противник Македонија да добие покана за почеток на преговорите со Европската унија. Таа излезе со став дека реформите препорачани од Прибе, пред се во судството и во администрацијата, не се спроведуваат доволно брзо, а борбата со корупцијата и со организираниот криминал не дава резултати. На самитот во Луксембург, по долги расправи, „омекна срцето на Макрон“, како што побара премиерот Заев. Според крајниот заклучок, непосредно пред почетокот на преговорите, ЕУ ќе го преоцени напредокот во јуни наредната година.
Соња Николовска