
Макпетрол за еден денар ќе ја намали цената на бензините
Никакви ценовни шокови за граѓаните не донесе либерализацијата на пазарот на нафта и деривати која настапува од утре,. Напротив, Макпетрол денеска ги извести своите потрошувачи дека цените кои ги формираше оваа компанија и по која од ноќеска на полноќ ќе ги продава бензините на своите станици ќе бидат пониски за еден денар, а само мало зголемување ќе има кај дизелот, за половина денар по литар. Од Регулаторната комисија за енергетика за Телма потврдија дека овие цени се идентични со оние што би се одредиле доколку важеше старата методологија, што укажува на тоа дека трговците се коректни и се грижат за своите потрошувачи.. Или, БС 95 ќе се прфодава за 71 денар, БС 98 по 73 денари, дизелот Грин Пауер по 64 и дизелот Био Пауер по 65 денари за литар. Екстра лесното ќе има цена од 54 денари.
„Методологијата по која Макпетрол АД Скопје ги формираше новите највисоки малопродажни цена на дериватите е светски призната методологија, која во себе ги вклучува сите давачки и сите реални трошоци на компаниите. Како корпоративно општествено одговорна компанија, работиме на тоа нашите потрошувачи навреме да бидат информирани за сите новости, и да им овозможиме најквалитетни горива по најприфатливи цени“, соопштија од Макпетрол.
Според ова, стравувањата на одредени институции и поединци дека либерализацијата би предизвикала ценовни шокови, односно нивно поскапување, се покажаа како неосновани. Земјава останува лидер со најниски цени на бензините во Европа.
Првиот човек на Регулаторна, Бислимовски, денеска уште еднаш ги повика трговците да не ја користат ситуацијата.
„Не очекувам трговците да направат било каква авантура и да предизвикаат од утре ценовен шок. Доколку го направат тоа при носењето на новата методологија таквиот однос РКЕ ќе го земе во предвид, но од мојата комуникација со поголемите трговци со нафта и нафтени деривати не очекувам никакво користење на вакуум периодот и очекувам да ги следат цените на светските берзи на секој дериват одделно и да го имаат во предвид курсот на доларот“, вели Марко Бислимовски, претседател на РКЕ.
Бислимовски тврди дека и старата методологија која веќе не важи бидејќи истече договорот со ОКТА, не била проблематична во делот на утврдување на цените на бензините, туку само во поглед на обврската за мазутот.
Со новата методологија, за која РКЕ тврди дека ќе се донесе идната недела, откако оваа би се изгласале измените на Законот за енергетика, велат дека цените на бензините ќе останат на приближно исто ниво. Основа ќе бидат цените на светските берзи и курсот на доларот, а ако досега се гарантирала профитна маргина на ОКТА од 29 долари по тон, отсега ќе мора да се земаат предвид и трошоците на трговците за набавка, транспорт, како и нивната маржа.
„Не сакаме на трговците во нашата држава, тоиа се македонски компании кои вработуваат многу луѓе и приход им обезбедуваат и на транспортните компании. Сакаме сите овие компании да работат со прифит, но тој профит да биде разумен“, вели Бислимовски.
Со новата методологија цените на горивата ќе се утврдуваат еднаш неделно, наместо на две недели како што беше досега.
Нина Нинеска Фидановска