Макпетрол: Некој смислено го одолговлекува решението на проблемот со злоупотребите на екстралесното гориво

Наместо решение на проблемот, државата подготви анализа со која само ги констатира злоупотребите со екстралесното гориво. Тоа го потврдува сомнежот дека некои луѓе од државните институции одработуваат за оние кои вршат злоупотреби со екстралесното гориво – обвинува најголемиот трговец со нафта во земјава „Макпетрол“. Реакцијата следува откако Владата неколку месеци ветуваше дека ќе пресече и ќе го реши овој проблем, а излезе само со анализа во која ги констатира злоупотребите, и со предлот сет од три мерки.

„ Ако се има предвид дека вонредната состојба е завршена и дека Собранието е распуштено, поради што во овој момент не може да се вршат законски измени, јасно е дека некој смислено го одолговлекува решението на овој дологодишен проблем. Ваквата анализа без носење мерки дополнително разочарува и уште еднаш го потврдува сомнежот дека некои луѓе од државните институции одработуваат за оние кои вршат злоупотреби со екстра лесното гориво.“- соопшти „Макпетрол“ АД.

Нафтените компании со години алармираа дека злоупотребите со „црвената нафта“ која наместо за греење завршува во резервоарите на возилата – предизвикува штетата и на буџетот, но, и на екологијата.  Од „Макпетрол“ прашуваат – како да се објасни тоа што државата, од една страна, се задолжува за да обезбеди пари за справување со економската криза, а од друга страна не покажува интерес и решителност, преку регулација на пазарот, да ги наплати даноците кои и следуваат.

„За конкретниот проблем покажаа интерес и релевантни меѓународни институции, од причина што нерешавањето на злоупотребите со екстра лесното гориво е во спротивност со европските директиви.“- соопшти компанијата.

Во анализата е констатирано дека големата разлика во цената која изнесува 12 ден за литар помеѓу дизел горивото и екстра лесното гориво мотивира одделни субјекти да го продаваат спротивно на законите, а одредени корисници да го користат спротивно на намената, како погонско гориво во моторни возила, што е забрането. Дополнително од внатрешниот промет се гледа дека расте трендот на увоз и веднаш пуштање во промет, а се намалува трендот екстра лесното гориво да се пушта од акцизен склад.

Бројките покажуваат дека во 2019 година Окта, како увозник и трговец на големо со нафтени деривати во промет пуштила 50 милиони литри на екстралесното гориво. При тоа, најголеми купувачи на ова гориво се Пуцко Петрол, Дади Оил и Супертрејд со вкупен удел од околу 70%, додека Макпетрол, Детоил, Црна Река Петрол и Моби Петрол имаат удел од околу 27%. Пресостанатите 3% се продажби кон крајни корисници од страна на Окта. Ако тука се приклучат и количините кои се увезуваат од страна на останатите увозници се добива целосната слика. Па така, во првата група на компании кои продаваат кон крајни корисници спаѓаат Пуцко Петрол, Дади Оил и Супертрејд со вкупен удел од околу 65%, а останатите се Макпетрол, Детоил, Црна Река Петрол, Окта, Моби Петрол и Лукоил со вкупен удел од околу 35% на пазарот.- покажува анализата.

Иако министерката за финансии Ангеловска, по неколкумесечни анализи, рече дека ќе падне одлука пред укинувањето на вонредната состојба,  сепак тоа не се случи.

Најголеми купувачи на екстралесното гориво од Окта

Пуцко Петрол, Дади Оил и Супертрејд                                  70%,

Макпетрол, Детоил, Црна Река Петрол и Моби Петрол   27%

Продажби кон крајни корисници од ОКТА                            3%

Целосна слика со вклучени количини кои се увезуваат од останатите увозници

Пуцко Петрол, Дади Оил и Супертрејд                         65%,

Макпетрол, Детоил, Црна Река Петрол, Окта,

Моби Петрол и Лукоил                                                     35%

Александра Филиповска

Објавено на
© 2024 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ