
Македонците не се плашат за својата работа, ама со едното око гледаат кон странство
Македонците не се плашат дека ќе останат без работа, од сите граѓани во регионот, тие се најсигурни во своите работни места. Во четвртото издание на Балкански барометар 2018, презентирано денеска во Брисел, во рамки на состанокот на Советот за регионална соработка, се наведува дека земјава во моментов се соочува со бран на оптимизам, по надминувањето на политичката криза, која предизвика застој во функционирањето на државата.
Конкретно, дури 75 отсто од вработените граѓани во земјава веруваат дека и натаму ќе бидат вработени во следните 12 месеци, што е највисок процент во регионот. Од компаниите, пак, 71 процент сметаат дека квалитетот на регионалната соработка е многу важен за напредокот на нивниот бизнис.
Четириесет проценти од анкетираните македонски граѓани рекле дека Владата во земјава најчесто ефективно се бори против корупцијата.
Но и покрај ова, погледите на голем процент Македонци и натаму се вперени кон други држави, дури 35 отсто од испитаниците рекле дека се проактивни во однос на добивање информации за можностите во странство.
Експертите сметаат дека по решението на проблемот со Грција во земјава постои инфлација на оптимизам, кој се пресликува на сите категории – за вработеноста, за економските перформанси и за демократскиот напредок. Но бидејќи таа надеж е транзиторна, вели аналитичарот Петар Арсовски, граѓаните се уште не гледаат на земјава како кон трајна ориентација, туку бараат и некаква алтернатива во странство.
„Луѓето оптимизмот го пренесуваат и на економските перформанси и очекуваат дека економските перспективи ќе се подобрат, но во моментов, бидејќи решението на проблемот со Грција не е во некоја трајна перманентна фаза, туку се уште има чекори кои треба да се направат за тоа да стане неотповикливо решение, оттаму оваа задршка кај луѓето кои се уште бараат работа во странство“, вели аналитичарот Петар Арсовски.
Од истражувањето уште може да се заклучи дека Црногорците ја сметаат тешката и напорна работа како предуслов за успех, Србите ги преферираат домашните производи, а Албанците се најсвесни за придобивките од влезот во ЕУ.
Шеесет и девет отсто од Балканците својата социо-економска состојба ја сметаат за просечна, 47 проценти не можеле да си дозволат викенд надвор од дома во последната година, 19 отсто не можеле соодветно да го затоплат својот дом, 21 процент не успевале да платат крија или сметки, а 14 отсто не можеле да си дозволат основни намирници, храна и облека. За 29 отсто познавањето на вистинските луѓе е фактор број еден за успех во животот, а за помалку, 21 отсто, тоа е доброто образование.
Граѓаните се многу попозитивни во однос на иднината, отколку кон сегашноста. Невработеноста се уште е најголем проблем во регионот, иако има сигнали за подобрување на состојбата на пазарите на труд, што се смета како позитивно за да се спречи одливот на мозоци.
Нина Нинеска-Фиданоска