
Македонско-бугарската комисија започна со работа
Два дена траела првата средба на научниците кои расправаат по членот 8 од договорот за добрососедство. Заедничката мешовита комисија се состанала во истиот објект во Софија во Бугарија во кој се одржа последниот самит на Европската Унија.
Професорот Драги Ѓорѓиев кој ги предводи македонските историчари и научници телефонски ни изјави дека на средбата не се расправало за конкретни теми или историски периоди туку состанокот бил технички. Изготвен е правилник за методологијата и принципите по кои ќе работи македонко-бугарската комисија, а наредниот состанок ќе се одржи на крајот на септември во Македонија, ни изјави Ѓорѓиев.
Дводневната средба ја обелодени бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева. Таа се сликаше и се поздрави со комисијата и соопшти дека по политичкиот договор сега на ред се историчарите.
„Да го следиме не само словото на Договорот, туку и неговиот дух. Мислам дека сега сите имаат потреба од одговорност и храброст да ги препознаат очигледните грешки од минатото на двете земји, да живеат заедно и да размислуваат за младите луѓе. Комисијата нека покаже европски дух“, изјавила шефицата на бугарската дипломатија.
Од македонската влада не споделуваат детали.
Во членот 8 од договорот за добрососедство стои дека „заедничка комисија за историски и образовни прашања треба да придонесе за научно толкување на историските настани“.
Миомир Серафиновиќ