
Сезонските работници невидливи за системот
Иако нема точна евиденција колку македонци сезонски работат во Италија, се проценува дека 150.000 луѓе годишно заминуваат да берат грозје, јаболки или јагоди. Најголем број од нив се лоцирани во северна Италија , има и млади и возрасни до 55 години, и најчесто се со бугарски пасоши. Тие се практично невидливи за системот велат од агросиндикатот бидејки во Италија заминуваат нероганизирано, илегално, работат по 10-12 часа на ден а се за 40% помалку платени од италијанските државјани. Оние кои имаат бугарски пасош заработуваат по 8,5 евра од час, а тие со македонски пасош по 6,5 евра.
- Во Италија во лозарството според нашите бројки работат 80 000 работници. Проблем е што дел од нив се со бугарски пасоши и не се пријавени како Македонци, тие што се пријавени како Македонци пак не се вклучени во италијанските општини, не им се плаќаат придонеси и др придобивки што ги имаат Италијанците – Живко Даневски, Агросиндикат.
Со сезонското работење надвор, македонската економија долгорочно си ги губи луѓето а тоа создава несогледиви последици врз земјоделство.Нема доволно работници ниту млада работна сила а со тоа се намалува производството и преработката во градинарството, млекарството, тутунската индустрија
- Сезонските работници во Италија мора да се интегрираат во општеството. Тие мора да си ги знаат своите права, дека согласно Колективниот договор за работа во земјоделскиот сектор во Италија работникот треба да заработува најмалку 56 евра на ден.Мора да се сузбие искористувањето на работата на мигрантите – Пјетро Руфоло синдикат за земјоделство на Италија.
За да се стимулираат работниците да останат во Македонија, Агросиндикатот предлага најниската плата на сезонските работници да биде повисока од тие што работат на неопределено време но и да им се даваат двегодишни договори кои ќе им гарантираат работа и на работодавачите и на работниците.
Виолета З. Стојановска