
„Македонски пошти“ по грешка издале марка со „Голема Хрватска“, сега ќе ја повлекува
Смрт над фашизмот – слобода за народот , 75 година од оваа речиница со која се прогласи победа над фашизмот . Годинава дел од одбележувањето мина со црна дамка.
На 6000 поштенски марки се најде националистичката карта на „Голема Хрватска“ на озлогласениот Анте Павелиќ , соработник на нацистите во Втората светска војна.
На марката која требала да биде пријателски поздрав до Хрватска за помошта во евроинтеграциите на Македонија, погрешната карта е пропуст. Пошта во меѓувреме се извини и ја повлече марката. Тие донесоа и одлука за разрешување на Раководителот на Бирото за филателија и разрешување на Советот за поштенски марки.
На поштенската марка претставена е погрешна карта на Република Хрватска и другите земји од регионот и поради тоа марката веднаш се повлекува од употреба што подразбира поништување на целокупно издадениот тираж од 6000 (шест илјади) примероци. АД „Пошта на Северна Македонија“ – Скопје изразува жалење за ненамерната грешка, особено што, издавањето на серијата поштенски марки „Северна Македонија во ЕУ“ се поклопува со 9 Мај, Денот на Европа, соопштија Македонски пошти.
Инаку, картата на Хрватска нацртана на марката не ги претставува границите на земјата, туку е карта на Независна Држава Хрватска, квинслишка творба чии водачи се директно одговорни за страдањето на повеќе од милион луѓе.
Дизајнерите ја скицирале мапата на марионетскиот усташки режим, кој во своите претензии ги опфаќал и териториите на денешна Босна и Херцеговина и дел од Србија и Црна Гора.
Теодора Цветковска