
Македонската нацијата старее и се иселува
Природниот прираст на население во третиот квартал од годината изнесува илјада 231, што значи дека за толку е поголем бројот на живородени од бројот на умрени, покажуваат последните податоци од Заводот за статистика.
Од ова не треба да се извлекува заклучок дека бројот на жители во земјава расте. Споредбата на првите девет месеци од оваа година со истиот период од минатата што ја направи демографот Дончо Герасимовски покажува дека наталитетот е во опаѓање, исто како и морталитетот. Освен Скопскиот, Полошкиот и Североисточниот регион, кадешто има концентрација на населението, останатите 44 општини со години бележат негативен природен прираст. Сликата е уште полоша поради масовното иселување на младите.
Не е порозова состојбата и во Вардарскиот, Пелагонискиот и Југозападниот регион. Герасимовски предупредува дека нацијата старее, ако се земе предвид возрасната структура на населението.
Анализата на Герасимовски покажува дека во други земји се раѓаат повеќе деца на македонски државјани отколку во Македонија. Во 2017-та, природниот прираст во земјава изнесувал илјада 436, додека во странство бил речиси три пати повисок со 4 илјади 121.
Соња Николовска